И јас сум, во име на ДОМ, потписник на барањето да се изгласа недоверба за претседателот Иванов. ДОМ јавно го повика Иванов да си даде оставка веднаш по скандалозните 56 аболиции.
Денеска во име на ДОМ барам отповикување за Иванов, затоа што тој со еден проглас направи серија прекршувања на Уставот и законите, се дискредитира како претседател на држава, се понижи себеси како правник и ја засрами благородната професија, чија мисија е обезбедување право и правда!
Тој ги аболираше „сите политичари“, за кои се води или ќе се води судска постапка за криминал, корупција, изборни измами или кршење на човековите права и слободи! Со овој чин, Иванов го згази правниот поредок во земјата, ги закочи демократските реформи, ја згази пресумпцијата на невиност и однапред ги прогласи за виновни сите лица за кои СЈО поведе постапки, следејќи ги индициите од прислушкуваните разговори.
Иванов направи длабок расцеп во македонското граѓанско ткиво, под плаштот на самопрогласен „обединител“. Тој направи и расцеп помеѓу Република Македонија и останатиот демократски свет, објавувајќи странски заговор против неа!
Почитувани колеги, на Македонија не и треба монарх кој со проглас ќе одлучува за нашите животи, ќе дели милост надвор од закон, по лична волја, и нема да одговара пред никого! На Македонија не и треба ни марионета, која ќе глуми претседател, а ќе игра според волјата на политички моќници во чии конци се вплеткал!
На Македонија и треба враќање во нормалност, а во тој процес се вклучени сите демократски сили во земјава. Граѓаните се борат заедно, над политичките, етничките и верските граници. Јас верувам дека наскоро ќе се разреши политичката криза. Разрешницата се забави, но тој процес е несопирлив. А токму освестените граѓани ќе бидат идните чувари на демократијата и уставниот поредок.
Во поткрепа на барањето за отповикување на Иванов стои и мислењето на 64% од граѓаните кои ја осудуваат аболицијата а тука се и 63% од граѓаните кои му даваат целосна поддршка на СЈО. Во име на сите граѓани ве повикувам сите заедно да го изгласаме отповикувањето.
Чуствувам потреба јавно да го искажам своето жалење што направив погрешна проценка за способноста на Иванов да биде претседател на Република Македонија и што му дадов поддршка. Сметав дека е чесен и стабилен човек, угледен професор, каков што беше. Тој беше познат како човек кој јавно го кажуваше својот став по разни прашања, како што му доликува на интелектуалец. Посебно ја ценев и неговата отвореност и поддршка за граѓанскиот сектор.
Очекував дека ќе работи во интерес на Македонија, ќе биде отпорен на корупција и нема да и наштети на земјата. Но никако не очекував дека ќе биде тотално неотпорен на влијанија и притисоци од партијата што го предложи, па дека токму поради тоа ќе и нанесе толкава штета на Македонија. Сега го гледаме во поинакво светло, тој е големо разочарување и треба да си замине.