ДОМ ја потпиша граѓанската Платформа за демократска Македонија

ДОМ ја потпиша граѓанската Платформа за демократска Македонија за обезбедување услови за фер и демократски избори, како предуслов за излез од политичката криза. Ова е логичен чекор за ДОМ, кој и досега беше дел од фронтот на демократските сили кој се залага за бојкот на изборите на 5 јуни и организирање кредибилни избори.

ДОМ ги гради своите ставови како зелена партија, која во темелните принципи ги има демократијата, правната држава и почитувањето на човековите права и слободи. Веруваме дека до остварување на овие принципи може да се дојде само со организирање слободни и демократски избори како појдовна точка.

За таа цел повикуваме граѓаните на достоинствен и мирен начин да го изразат своето незадоволство од начинот на кој дејствува Владата и Претседателот на државата. Сметаме дека е многу важно да се надминат длабоките поделби меѓу граѓаните, што може да се постигне само со примена на правото и правдата, во согласност со Уставот и законите.

Платформата за демократска Македонија ја потпишаа Лилјана Поповска, претседателка на ДОМ и Зоран Заев, претседател на СДСМ, како иницијатор за здружување на сите прогресивни граѓански и политички сили околу заедничка платформа за демократски избори и за надминување на политичката криза.