Интегрален текст од обраќањето на Лилјана Поповска пред собраниската комисија за евроинтеграции
Ние имаме една многу чудна ситуација во Македонија, која не може поинаку да се протолкува и да не се означи како таква, кога Европската унија гледаме дека поддржува акт на насилсно распуштање на Собранието на Македонија без присуство на најголемата опозициска партија. Сметам дека тоа е апсолутно чудна состојба кога се поддржува демонстрацијата на сила и тоа откако Европската унија вложи толку многу труд за мирна разврска на политичката криза во земјава. Го имаме Извештајот на Прибе, Договорот од Пржино, имавме и многубројни разговори, преговори, поддршка на демократските сили, поддршка на надежта на демократските граѓани на Република Македонија дека во земјава може да се живее поинаку, подобро, европски. А сега, почитувани претставници од Европската унија, чувствуваме како да сте кренале раце од Република Македонија; како да сте кренале раце од поддршката на демократските сили и од позитивните промени во Македонија. Зошто? Зошто ја губите вербата во европските вредности и во европските критериуми? Почитуваниот амбасадор говореше за владеењето на правото, за борбата против корупцијата, за фер и демократски избори, како клучни принципи на Европската унија. Како ние, граѓаните на Република Македонија, сега да Ви веруваме дека Ви се важни овие критериуми? Како да ги разбереме овие критериуми, кога Вие, практично, ги преферирате моменталните интереси?
Во Европа има сериозна безбедносна криза поврзана со бегалците, која што го засега и регионот на Балканот и Македонија и се наметнува прашањето дали ваквиот однос значи дека безбедноста Ви е поважна од демократијата? Па безбедност нема да има без демократија!
Зарем мислите дека опозицијата ќе седи мирна и дека навистина ќе оди на избори на кои се е однапред замислено и се знае како се ќе се случува, како во театар, без прочистен избирачки список, без ново регулирање на медиумите, без елементарни реформи, без одговор на прашањето: дали навистина некој жестоко ја злоупотребувал власта во Република Македонија и на кој начин? Дали навистина мислите дека опозицијата ќе отиде туку така во самоубиствен поход за некој повторно самоволно да прогласи победа, при целосно не фер услови за политички изборен натпревар? Повеќе од јасно е дека повторно ќе следи бојкот, повторно ќе следат улични протести, повторно ќе следи дестабилизација на Македонија, но овој пат многу посериозна.
Зарем Европската унија тоа го посакува? Не можам да поверувам дека тоа е така. И токму затоа што не можам да поверувам дека Европската унија тоа го сака, јас молам за објаснување. Молам за објаснување каков Ви е планот и какви Ви се опсервациите за перспективите на Република Македонија. Македонските граѓани заслужуваат тоа да го знаат, затоа што сите демократски граѓани во Македонија се колневме во Европската унија и во нејзините цивилизациски вредности. Јас сум претставник на Зелените и жесток борец за европска иднина на Македонија. Како јас, колегите од ДОМ и сите граѓани на Македонија и натаму да веруваме во тие вредности? Простете, емотивно говорам, но ова е и време на емоции; а во суштина ни треба повеќе разум, ни требаат разумни решенија. Кога тие отсуствуваат и кога сме соочени со целосна ирационалност и со прифаќање на таквото однесување од страна на некои наши колеги, тогаш ние останатите сме оставени да се чудиме. Оставени сме да бараме друг излез. А кој е другиот излез освен отпор? Но, се прашувам дали тоа и е потребно на Македонија во овие сериозни времиња кога земјата и нејзините граѓани се истоштени од кризи и кризни состојби и кога навистина ни е потребен нормален демократски од, нормални, вистински реформи.
Сметам дека ние како држава имаме капацитет, имаме извонредни интелектуалци, имаме чесни луѓе, имаме доблесни луѓе кои си ја сакаат својата земја и знаат да работат професионално. Вие како Европејци ги примате тие луѓе кога ќе се иселат во вашите земји, а тоа Вам Ви одговара затоа што имаат човечки и стручен капацитет и кредибилитет. Зошто не дадете придонес и не дозволите тие луѓе да останат тука? Зошто не помогнете тие млади, стручни и доблесни луѓе да останат во Македонија, да ја градат земјата и да придонесуваат за напредок на реформите, за нејзиниот демократски и сеопшт развој? Уште еднаш апелирам до претставниците на Европската унија да и помогнат на Македонија онака како што веќе е започнато за да го завршиме овој ǒд по маките и да се вратиме во нормала. Покрај поддршката од ЕУ, во овој значаен период треба да престанат и делбите меѓу нас, зашто тие имаат огромна разорна моќ која го оневозможува напредокот на земјата. Нам сега навистина ни е потребна сплотеност на сите чесни луѓе кои се мнозинство во Македонија и кои имаат потенцијал да помогнат во надминувањето на сегашната политичка криза во која се најдовме сите ние.