ДОМ го поздравува напредокот во спроведувањето на договорот од Пржино. Со него е обезбедена мирна разврска на кризата, онака како што ние се залагавме од самиот почеток: со паралелни процеси, политички и судски.
Политичкиот процес почна со комплетирање на парламентот, ќе се формира преодна влада и парламентарна анкетна комисија, а ќе се изврши и ревизија на избирачките списоци. Судскиот процес ќе го води специјално обвинителство, за да се расчистат индициите од содржината на „бомбите“.
Свесни сме, дека секој дел од овие процеси ќе наидува на многу препреки и опструкции и дека новите институции се само премостување кон нормализација на состојбите. Но во овие политички констелации ова е, очигледно, најмногу што може.
ДОМ ќе продолжи со подготовките за самостоен настап на претстојните парламентарни избори во април, залагајќи се и понатаму за промена на изборниот модел во една изборна единица и еднаков број жени и мажи на отворени листи.