На иницијатива на пратеничката Лилјана Поповска во Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија сe одржа јавна расправа на тема: „Република Македонија на патот кон евроинтеграцијата“, на која како гости учествуваа и европратениците од Групата на зелените во Европскиот парламент: г-ѓа Ребека Хармс од Германија, координатор на Групата и г-дин Игор Шолтес од Словенија, кои се во прва официјална посета на Република Македонија, чиј домаќин е ДОМ, како сестринска партија на Зелените.
Ребека Хармс во своето обраќање на јавната расправа истакна:
„Зелените од Европскиот Парламент секогаш го поддржуваат напредокот на земјите кандидатки за целосно членство во Европската Унија и секогаш најотворено сме за проширувањет на ЕУ. Ова секако важи и за Македонија. Затоа и минатата година остро истапивме против планот на Претседателот на Европската Комисија Жан – Клод Јункер, кој во говорот во ЕП најави дека за време на неговото претседателство со комисијата, нема да има проширување на Европската Унија. Нема сомнеж дека со ваквата изјава им се нанесува неправда и штета на земјите од Западниот Балкан, кои имаат големи надежи и ентузијазам за стекнување целосно членство во ЕУ. Моето цврсто убедување е дека ЕУ сноси голем дел од одговорноста за денешните политички и општествени состојби со кои се соочува Македонија и Балканот.
Ние навистина сакаме да видиме успешна и демократска Македонија, која со силна политичка волја ќе се приближи кон членство во ЕУ. Потребно е отварање на поглавјата 23 и 24 од критериумите за членство, кои се однесуваат на правниот систем, човековите права, слободите и безбедноста, но и многу важно е отворањето на поглавјето за животната средина, што секако ќе биде од големо значење за Македонија и решавањето на проблемите во животната средина (загадување, биодиверзитет, енергетика), но во исто време Македонија со овие активности станува и директен партнер во европските напори за подобрување на овие состојби.“
Пратеникот Игор Шолтес истакна дека:
„Реформите во администрацијата, транспарентноста и создавањето на целосно независни институции е од клучна важност за понатамошното нормално функционирање на државата. Реформи се потребни и во Изборниот закон и воведување на нов изборен систем, ако е тоа можно и пред предвидените избори во април 2016. Со овие реформи ќе се постигне поголема подготвеност на земјата за соочување со напластените проблеми кои мора сама да ги решава. Европската унија е тука за да помогне, но внатрешните сили на земјата се клучни за разрешување на состојбите.“
Оваа јавна расправа во Собранеито на РМ е во на најавеното објавување на овогодинешната Стратегија за проширување и Извештајот за напредокот на Република Македонија од страна на Европската комисија. Притоа беа разменети мислења и ставови за можностите за унапредување на процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија, имплементирањето на политичкиот договор од 2 јуни/15 јули, како предуслов за добивање на седмата последователна препорака за отворање на преговорите за наше членство во Европската унија.