Форум на жени на ДОМ: Треба да има квоти за најмалку 40% жени

Претседателката на Форумот на жени на ДОМ, Маја Морачанин, уште еднаш ја потсети јавноста дека ДОМ се залага за изборен модел со една изборна единица, отворени листи и 50% жени на избирачките листи. 

„Крајно сме разочарани по информациите дека некои од учесниците во преговорите предложиле укинување на квотите за помалку застапениот пол. Тоа би значело уназадување на положбата на жените и нивното влијание во политичката, но консеквентно и во сите други сфери на општествениот живот. Бидејќи сите членови на Македонското женско лоби веќе се договоривме дека во овој момент, зголемувањето на квотите од досегашните 33% на 40% е реално остварливо, го предлагаме следниот модел: една жена на првите 3 места, две на првите 5 места, три на првите 7 места и четири на првите 10 места.

Според резултатите од симулациите примената на овој модел би овозможила од 36% до 40% избрани пратенички. Сметаме дека ова е минимумот кој сите учесници во преговарачкиот процес би требало да го прифатат и да покажат дека навистина се залагаат за унапредување на родовата еднаквост и демократијата во Република Македонија.“

Со почит,

Сектор за односи со јавност на ДОМ