Лилјана Поповска од ДОМ постави дополнителни прашања на добиените одговори на две пратенички прашања од претходната седница, за Законот за зеленило и за загадувањето од најавената леарница во Пробиштип.
1)„На моето прашање ’зошто Владата не сака да се донесе закон за зеленило’, Министерството за транспорт ми одговорило дека има 7 забелешки на текстот на законот, кој го предложив два пати и го имавме усогласивме повеќе пати. Нема да ситничарам, тоа се решава. Значи, министерството и Владата немаат против законот. Тогаш, дополнително прашувам: Дали Владата ќе предложи Закон за зеленило и кога, или да одам преку пратеници, па сите заедно да го донесеме, како што личи за закон што е јавен интерес? Работата е итна, зашто нападнати се сите градски паркови, во Карпош 3 и 4, Кисела Вода, насекаде. Решение е итно носење на Закон за зеленило, измена на Законот за урбанизам и Правилникот за нормативи за урбано планирање.“
Одговорот на министерот за транспорт беше дека подготвуваат Закон за зеленило и упати покана за вклучување во работата на него.
2)„На моето прашање ’какво загадување ќе има од најавената леарница во Пробиштип’, добив теоретски приказ за работа на една леарница. Не сум задоволна од одговорот, зашто се сомневам дека се работи за измама од страна на инвеститорот, или за можен еколошки криминал. Гледам три можни сценарија: Прво, инвеститорот нема намера да гради, зашто фирмата му е сомнителна, регистрирана на Девствените Острови пред една година со само 100.000 еу капитал, а најавува инвестиција од 15 милиони еу. На интернет не постои таква фирма, директори се млади Руси што магистрирале на универзитетот Кранфилд во Англија, па оттаму е и името на фирмата! Сега собираат цв-а за вработување догодина. Сево ми личи на оној глумец од Бучим што лажно се претставуваше! Второ сценарио, дури и да сакаат да градат, ќе донесат некој рѓосан крш од Русија, сличен на нашата топилница во Велес што сакаше да ја рестартира Метрудхем. Патем, оваа фирма и новава од Пробиштип, се регистрирани на иста адреса! Трето сценарио, дури и да се сериозни инвеститори и да вградат модерна опрема, тоа ќе биде во самиот град, а се работи за металургија, за 1600 степени Целзиусови, за голема бучава и загадување, за што би требало да се оддалечи најмалку 5 км од градот! Моето дополнително прашање е: Дали Владата ќе се откаже од овој проект, во интерес на здравјето на граѓаните, ако на утрешната јавна расправа во општина Пробиштип се докаже дека се работи за штетна индустрија?“
Заменик претседателот на Владата, Пешевски, одговори дека Владата се бори за привлекување странски инвестиции и дека води сметка за здравјето и животната средина.
Со почит
Сектор за односи со јавноста на ДОМ