Четири политички партии упатија писмено барање за една изборна единица и вклучување во работната група за изборното законодавство до амбасадорите на ЕУ, САД и ОБСЕ, како и до посредникот Питер Ван Хоуте. Павле Трајанов од Демократски сојуз, Лилјана Поповска од ДОМ, Рубин Земон од Алијанса за позитивна Македонија и Неџат Беџети од Партија за демократски просперитет, стојат како потписници на текстот, во кој се аргументира нивното барање.
Едната изборна единица ќе овозможи Република Македонија да добие состав на Парламент кој ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните. На тој начин нема да се изгубат стотици илјади гласови за партии кои не се дел од големите коалиции. Ова ќе води кон демократизација на целиот систем и избегнување на политички кризи, кои, меѓу останатото, се генерираат и од изборниот модел.