ДОМ: За електронско гласање на дијаспората како пилот проект за цела држава

Претставници од ДОМ, заедно со претседателката Лилјана Поповска, денеска се сретнаа со потпретседателот на Обединетата македонска дијаспора, Александар Митрески. Разговараа за начинот на гласање на дијаспората и измените во Изборниот законик со кои ќе се овозможи реален пристап за гласање на секој регистриран македонски државјанин.

ДОМ отсекогаш се залагал за гласање на дијаспората и останува на тој став, зашто цивилизациска придобивка е духовното поврзување на македонските граѓани со својата дијаспора, која претставува голем процент од вкупното население во државата. Македонија како земја поминала многу историски искушенија што било причина речиси да нема семејство во државава што нема свои роднини надвор од неа.

ДОМ смета дека најрационално и најправично гласање на дијаспората ќе се овозможи со електронско гласање. Со него ќе се обезбеди поголемо учество на дијаспората во изборниот процес, а истовремено намалување на трошоците. Електронското гласање на дијаспората може овој пат да биде применето и како пилот проект за цела Р.Македонија и подготовка за   некои следни избори кога ќе имаме изградено силни и независни институции.

За електронското гласање како најчиста опција за организирана земја, ДОМ има изградено свој став уште во 2013 година, по завршувањето на локалните избори, кога ДОМ настапи самостојно, освои 25.000 гласови, но и се соочи со изборни неправилности.