ДОМ: кој ги труе Скопјани среде лето?

ДОМ јавно ги прашува надлежните институции, а пред се инспекторатите за животна средина, дали знаат кој ги труе Скопјани среде лето и зошто не си ги вршат своите обврски?

Повод за нашево прашање се многубројните реакции на Скопјани од повеќе општини. Граѓаните на Гази Баба, Аеродром и Лисиче се жалеа на темен чад и остар мирис во воздухот како на запалени гуми.

Информациите добиени од страната на Министерството за животна средина говорат дека концентрациите на ПМ10 во изминатиов месец сериозно ја надминуваат дозволената граница од 50 микрограми/м3, од 2-7 пати над дозволеното. Во мерните места во Гази Баба се движеле од 100-150 микрограми/м3, во Лисиче и до 200 микрограми/м3, додека во Миладиновци има неколку сериозни пика од 200-350 микрограми/м3.

Особено загрижуваат податоците за ЦО2 во Центар и Гази Баба, каде неговата концентрација се движи помеѓу 4000 и 6000 микрограми/м3, а дозволената вредност изнесува само 700микрограми/м3!

Во екот на високите температури на воздухот кои го загрозуваат здравјето на граѓаните, загадувањето на воздухот претставува дополнителен ризик по здравјето.

ДОМ инсистира надлежните институции да излезат на терен, да ги откријат загадувачите и да го сопрат труењето на граѓаните на Скопје.

Пресот го одржа Маја Морачанин, портпаролка на ДОМ.