ДОМ со барања до работната група за преговори

Интегрален текст од прес конференцијата

ДОМ го поздрави договорот за разрешување на политичката криза во Македонија, но смета дека за негова успешна имплементација е потребна транспарентност и вклучување на повеќе партии, невладини организации и пошироката демократска јавност. Доколку се остави за суштинските прашања во земјата да одлучуваат само два пати по две партии, ќе се даде легитимитет на бипартиски и бинационален принцип, кој е и дел од причините за кризата, што ќе предизвика уште поголема поделеност на македонското општество.

ДОМ упатува конкретни 8 барања до работната група за преговори, во делот на демократијата, човековите права и слободи, правната држава, екологијата и одржливиот развој:

1) Да се вклучат и други партии заради промена на изборниот модел во една изборна единица со отворени листи. ДОМ е уверен дека Република Македонија може да биде функционално и демократско мултикултурно општество само ако политичкиот систем овозможи широка партиципативна демократија, со реално застапување на интересите на сите граѓански групи во Парламентот.

2) Под итно да сопре неовластеното прислушкување и секој вид политички притисок, а УБК и МВР да се стават под парламентарна контрола.

3) Да се овозможи пристап до правдата за сите граѓани, преку итна ревизија на сите судски процеси за кои има индиции дека биле монтирани преку судии и обвинители кои работеле по политички диктат или од криминални мотиви. Тие лица да се изземат од следни случаи, се до правна разрешница во која ќе се утврди целосната вистина.

4) Темелно да се испита содржината на „бомбите“ и низ правно издржани процеси да се утврди дали и кој има вина, дали и кој отуѓил пари и доколку некој го сторил тоа, да одговара, а парите да се вратат назад во буџетот на Република Македонија.

5) Да се спречи еколошка криза, која е поврзана со проблемите во владеењето на правото и бара итен политички договор, за државата да тргне по одржливи патеки.

– До изборите да сопрат редица негативни процеси што и штетат на животната средина, како што е уништувањето на зеленилото и реализација на проблематични планови за кои имаше бура од реакции во јавноста, како урбанизација на Водно, Охридското крајбрежје, Галичица, Маврово, Лазарополе и други заштитени подрачја.

– Под итно да се донесе Закон за зеленило. Нека биде ова ТРЕТА СРЕЌА ЗА ЗАКОНОТ, по двете одбивања на нашиот предлог!

– Да се даде приоритет на еколошките политики во поглед на загадување на воздухот, водата и почвата, во интерес на здравјето и животната средина.

6) Да не се попречуваат позитивни економски текови, кои водат кон одржлив и регионално рамномерен развој, а се однесуваат на еколошки незагадувачки дејности.

7) До изборите да се замрзнат плановите за изградба на контроверзни објекти за кои постои силно несогласување меѓу граѓаните, како што е „барокен“ ГТЦ, шпански скали, мегаломански споменик на хуманистката Мајка Тереза и сл., за да се избегнат нови тензични ситуации.

8) Да се овозможи пристап до медиумите за сите политички и неполитички субјекти, кои покренуваат теми што ги засегаат граѓаните.

На прес конференцијата зборуваше претседателката на ДОМ Лилјана Поповска