Во Скопје има објекти кои можат да се урнат, да се расчистат, во Париз тоа го применувале, и да се направат паркови, вели во интервју за Инбокс7, пратеничката, Лилјана Поповска. Според неа страотна штета е направена во центарот на градот но, парковите во населбите мора да се заштитат. На прашањето на Инбокс7 зошто владата е попуслива кон Југохром, претседателката на ДОМ, вели дека се работи за социјален проблем за барање од луѓето кои што таму работат. „Се плашам дека тие немаат ни намера да вложат во еколошка опрема и дека по тие две години тие можат клучот на врата да го стават, ќарот да си го земат и да си заминат“, вели Поповска.
За одлуката на опозицијата да делува надвор од парламентот Поповска вели дека дека на овој начин ќе слабеат малите политички субјекти кои што се во опозицијата. Таа е на ставот дека нема логика веќе долгото опстојување на нешто што не дава резултат.
Инбокс7: Што ново ќе се донесе со законското решение за родова еднаквост меѓу мажите и жените?
Поповска: Се носат две работи. Се пропишува образец според кој ќе се пишуваат извештаи за еднаквите можности помеѓу мажите и жените од страна на институциите и тие обрасци ќе бидат дефинирани од министерството за труд и социјална политика. Тоа е многу важно иако навидум изгледа како формална работа бидејќи ќе се нотираат споредбени извештаи според определени индикатори. Значи ќе се унифицираат извештаите и точно ќе се знае во која смисла напредува процесот каде стои, каде назадува.
Инбокс7: Каква е моменталната слика во Македонија, каде се повеќе застапени жените, каде мажите?
Поповска: Во законодавната власт имаме солидна бројка повисока од европскиот просек, таа се движи меѓу 32% – 34%, додека европскиот процес е меѓу 23% – 24%. Во извршната власт состојбата не е добра, има малку жени министерки, заменички министерки и само четири градоначалнички… Извршната власт дава голема моќ и затоа мажите најтешко ја отстапуваат.
Само да дополнам околу измените на законот за еднакви можности. Едниот момент е унифицирани обрасци за извештаи и другиот момент е зајакнува родовата машинерија на локално ниво. Досега имаше само по еден координатор за еднакви можности во локалните совети, сега се внесува и заменик координатор. Ова е многу важно и доаѓа во прав момент зашто ова година за прв пат Европската комисија во својот извештај нотираше напредок на Македонија на јакнење на капацитетот во локалните комисии.
Инбокс7: Надвор од законите и прописите на македонско тло се случуваат доста хомофобични насилства посебно е на удар ЛГБТ заедницата од страна на луѓето кои не сакаат да го прифатат нивното постоење. Како да се спречи ова?
Поповска: ДОМ секогаш реагира на такви напади, згрозени сме од такви вандализми и јавно се обидуваме да придонесеме на толеранцијата кон различните луѓе во државата. Македонија е земја која традиционално со има позитивно искуство и толеранција кон различна етничност и вера. Голем срам е за нас да не бидеме толерантни кон различна сексуална ориентација. Тие се наши сограѓани кои ги имаат апсолутно истите права како и другите граѓани. Ќе биде многу значајно доколку законот за недискриминација се додаде сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за недискриминација. Во моментов законот е инклузивен кој ги набројува различните основи за недискриминација и вели по било која друга основа. Дел од поднесените претставки од самите луѓе од ЛГБТ заедницата беа позитивно решени од оваа комисија. Но самото не спомнување на сексуалната ориентација за ЛГБТ луѓе е показател како тие да не постојат. А од друга страна тоа се подразбира како стимулирање на хомофобичните луѓе кои од таму земаат сила и си дозволуваат различни екцеси.
Јас имав јасен став околу дефиницијата на бракот и вонбрачната заедница во Уставот, кажав дека дефиницијата на бракот ќе ја поддржам, затоа што бракот е една милениумска институција која што, јас не гледам дека е загрозена кај нас, но имам разбирање за колегите од демохристијанската ориентација, кои што бракот го имаат во својата програма и им је извонредно битно да го дефинираат и тоа право е потврдено и од Венецијанската комисија, секоја држава која сака во Уставот може да го дефинира бракот но, нема право да дефинира вонбрачна заедница. Јас кажав дека вонбрачна заедница која може да биде помеѓу хетеропартнери дека тоа не го прифаќам затоа што тоа е мешање во приватниот живот на луѓето. Државата на тој начин би им ѕиркала во домовите на луѓето.
Инбокс7: Владејачката партија која е со демохристијанска ориентација и која што во својата програма нормално е да го има дефинирано бракот како заедница меѓу маж и жена, но тоа не значи дека нивните определби треба да влезат во Уставот.
Поповска: Затоа јас кажав дека таква дефиниција на вонбрачна заедница не можам да гласам тоа би било дискриминирачки кон дел од нашите сограѓани. Истото тоа го кажа и Венецијанската комисија и по сите најави на Владата мислам дека уставниот амандман ќе претрпи промени.
Инбокс7: Голема ангажираност покажа ДОМ и покрај критиките од страна на јавноста дека бавно се реагираше за загадувањето на воздухот, веќе е затворен погонот челичарница во Макстил, но Југохром наместо казна доби пролонгирање на роковите, во вторникот битолчани излегоа на прости против загадувањето од РЕК Битола. Зошто големите индустриски капацитети немаат слух за здравјето на луѓето?
Поповска: Големиот бизнис е како голема мечка, како да се бориш со голема мечка голорак. Меѓутоа ако се соберат многу луѓе борбата ќе биде позитивна, како што се покажа со Макстил. Мене ми е драго што се прифати предлогот да ДОМ да не работи Макстил додека не се примени еколошкото прилагодување, ќе беше уште подобро ако се прифатеше нашата сугестија веднаш по први април да ги затвореа капацитетите и да ги забрзаа процесите за еколошко прилагодување. Скопје се спаси но, Тетово и Битола останаа во смог. Големо разочарување се случи. Се направи некаков компромис со Југохром со половина капацитет да работи додека да се прилагоди и му се даде уште шест месеци пролонгирање, а слушаме дека Југохром бара две години пролонгирање.
Ние сме против тоа пролонгирање жал ми зошто владата не го додржа и понатаму ставот на Министерството за животна средина дека секој кој не ги исполнува еколошките стандарди мора да затвори додека да се прилагоди. Затоа ние поведовме кривични пријави против Макстил и Југохром кога не го испочитуваа рокот од први април. Сега реагираме за Југохром бидејќи можеби не се работи за шест месеци.
Ако Југохром овие десет години откако е на сила Законот за заштита на животна средина не најде за сходно да направи еколошко прилагодување и во периоди кога одлично одеа и берзите на металите. Затоа сме огорчени овие фирми изминатите години направија екстра профити, а немаат пари за филтри. Проценките велат дека не повеќе од еден отсто или не повеќе од еден отсто од добивката годишно да се одвојува доволно е за набавка на филтри, отпрашувачи е сè што е потребно за еколошко работење.
Инбокс7: Зошто е попустлива Владата?
Поповска: Претпоставувам дека се работи за социјален проблем за барање од луѓето кои што таму работат, премногу фамилии зависат од тој Југохром, но тоа е тешка одлука. Големите комбинати знаат и да манипулираат со податоци. Еден од загадувачите зборуваше дека треба 37 милиони евра да вложи, па потоа го сведе тоа на 17 милиони, за потоа да рече 11 милиони, а јас сум сигурна дека ќе биде едноцифрена бројка. Се работи и за недоволна свесност и кај граѓаните и кај политичарите во изминатите години која сега букна.
Се плашам дека пролонгирањето од страна на Југохром е само купување време и дека тие немаат ни намера да вложат во еколошка опрема и дека по тие две години тие можат клучот на врата да го стават, ќарот да си го земат и да си заминат. Такви работи се случуваат во земјите во развој и луѓето остануваат и без работа и со еден куп болести. Тоа е најголемата опасност, посебно што сметам дека е недозволиво толку години да се однесуваат арогантно. Затоа го повикавме Јавното обвинителство во Тетово што побрзо да ја земе во обзир нашата кривична пријава. Мислам дека треба максимален притисок да се изврши врз менаџментот на Југохром од Јагуновце да вложи пари во еколошка опрема таа не е премногу скапа во однос на неговата добивка.
Битола има многу лоши податоци со ПМ10, а РЕК Битола е стратешки објект за државата, кој што ú е потребен во моментов, но тој е во државна сопственост и тука државата треба да вложи повеќе средства и да го сфати како приоритет. Не е во ред граѓаните да се трујат, а и нашата житница Пелагонија. Битола немаше обврска до први април годинава да се прилагоди туку тие одеа по барањата на Европската енергетска заедница и мислам дека 2017 е рокот за нив. Фени ги направи прилагодувањата и сега загадувањето паѓа. Сега е загадувањето опаднато, но ние мораме да ги бараме и другите загадувачи, отпадот, па малите и средни загадувачи, како и транспортот.
Инбокс7: Голем дел во загадувањето придонесе и големата сеча на педесетгодишни дрвја низ центарот на Скопје. Вие и вашата партија се залагате за примена на обновливи енергии, а во главниот град се ставаат барокни фасади. Што прави ДОМ во однос на ова прашање?
Поповска: ДОМ има моќ некои работи да отвори да поведе борба, но за конечни одлуки потребно е мнозинство, ние тоа мнозинство во парламентот го немаме. Веќе две години е готов законот за зеленило со експерти од Град Скопје и од просторно планирање и други институции. Тој закон е еден од приоитетите и условите за наше коалицирање.
Инбокс7: Но во градот нема веќе површина, каде ќе се садат дрвја?
Поповска: Има, зеленило кое може некој да го исече но, може и да се спаси. Таму каде што нема да се постават жардињери, тераси на покриви, вертикално зеленило.
Инбокс7: Меѓутоа работите отидоа предалеку и како што предвидува тој закон враќењето на чистиот воздух ќе биде многу тешко.
Поповска: Но, нема да биде невозможно. Еве еден Париз откако Зелените партиципираа во власта со свој заменик градоначалник во два мандати, површините со зеленило се зголемени за 60.000 метри квадратни. Во Скопје има објекти кои можат да се урнат, да се расчистат, во Париз тоа го применувале, и да се направат паркови. Има потреба да се заштити она зеленило кое што постои по населбите. Страотна штета е направена во центарот на градот но парковите во населбите мора да ги заштитиме.
Инбокс7: Опозицијата дефинитивно кажа дека не се враќа во собранието нјавија активности на терен. Која е вашата оценка до кога ќе трае оваа политичка криза?
Поповска: Голема штета е што колегите од опозицијата не се во парламентот и ние немаме силна критика за носење подобри закони.Сметам дека на овој начин ќе слабеат малите политички субјекти кои што се во опозицијата. Ние сме исто еден таков супбјект со своја специфична програма и профил. Голема штета е.
Инбокс7: Дали вие сметате еден по еден ќе почнат да се враќаат?
Поповска: Мислам дека до тоа ќе дојде затоа што нема логика веќе долгото опстојување на нешто што не дава резултат. Во политиката е потребно да испорачаш резултат, да имаш своја агенда и да ја реализираш својата програма. Ако си надвор од институциите ти можеш да реализираш програма. Најлегитимна најсилна е борбата преку институциите, така што од срце посакувам да ги ревидираат своите ставови колегите и да влезат во парламентот.
Инбокс7: Опозицијата бара разговори за исполнување на нејзините услови
Поповска: Треба да се седне да се разговара. Сите услови кои што се реалистични и логични може да се издоговараат може да се најде решение. Јас секогаш верувам во дијалогот.
Интервјуто и фотографијата се превземени од веб-страницата на онлајн магазинот Inbox7.