Започна Конференцијата на балканските зелени партии „Еколошка безбедност за Балканот – спремен одговор за климатските промени“

Денеска во Скопје беше отворена првата Конференција на балканските зелени партии на тема „Еколошка безбедност за Балканот! – Спремен одговор за климатските промени“, на иницијатива и во организација на ДОМ.

Конференцијата ја поздравија претставници на зелените партии од единаесет земји во регионот: Хрватска, Србија, Романија, Словенија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина, Албанија, Грција, Косово и Турција, претседатели, копретседатели, генерални секретари. Сите тие во своите поздравни говори ја нагласија потребата од поврзување на државите во регионот за ефикасно справување со климатските промени кои во последниов период жестоко се почувствуваа во голем дел на Балканот (Хрватска, БиХ, Србија, Бугарија).

Лилјана Поповска во своето обраќање истакна дека целта на Конференцијата е да го подигнеме нивото на институционална соработка помеѓу балканските држави зашто сами за себе не можеме на вистински начин да се справиме со климатските промени. Таа го изрази задоволството што за оваа тема ја имаме целосната поддршка од Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.

Стево Темелковски, заменик министерот за животна средина, нагласи дека Министерството за животна средина и просторно планирање веќе презема мерки во оваа насока, но дека се чувствува потребата од регионална соработка.

 Давор Шкрлец, европратеник и претставник на хрватската зелена партија ОраХ, поентираше со потребата на соработка и вмрежување на балканските држави по углед на државите на Европската Унија, не само за борба против климатските промени туку и за промоција на одржливиот економски развој како мерка за нивно ублажување. Одржливиот развој е она на што ние како зелена партија го ставаме главниот акцент во Хрватска.

Иван Кариќ, член на Парламентот на Србија и претседател на партијата Зелени Србије, истакна дека климатските промени се наша реалност па затоа треба да се менуваме ние, луѓето, нашите навики и нашиот однос кон животната средина. Борислав Сандов, копретседател на Партијата на Зелените на Бугарија нагласи дека климатските промени не знаат за граници и токму затоа зелените партии на Балканот се единствените политички субјекти кои зборуваат со ист јазик, односно настојуваат да ги надминат границите и да влијаат на своите влади за здружена акција во оваа насока. Игор Јуришиќ, претседателот на Странка младих Словеније во своето видео обраќање рече дека Конференција со своите теми и нивото на кое е организирана ја истакнува важноста на зелените партии кои на овој начин ќе се обидат да издејствуваат од своите влади да се поврзат и да зборуваат за овие теми, како и да ги зголемат фондовите за борба против климатските промени.

Поттик за оваа Конференција беа катастрофалните поплави како последица од климатските промени во целиот регион. Се покажа  дека сите земји се соочија со предизвикот да дадат брз и соодветен одговор, за да се спасат животи и материјални добра.

Конференцијата која се одржува во Сити Хол, продолжуваденес и утресо панел сесии на темите: Подготвеност за ризици од катастрофи, Заштита и управување со природните ресурси, Безбедност на храна и Финансирање на мерките за еколошка безбедност на Балканот. Свои обраќања ќе имаат претставници од речиси сите балкански зелени партии.

Со почит,

Сектор за односи со јавноста