ДОМ во соработка со Балканска Зелена Мрежа организира прва регионална Конференција на тема „Еколошка безбедност на Балканот – спремен одговор за климатските промени“. На Конференцијата која ќе се одржи на 4 и 5 октомври во Сити Хол поканети се и своето присуство го потврдија претставници од сите Зелени партии на Балканот. Тоа значи учество на 12 балкански земји: Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Романија, Бугарија, Црна Гора, Косово, Албанија, Грција и Турција.Гости на Конференцијата меѓу другите ќе бидат хрватскиот европратеник Давор Шкрлец и пратеникот во српскиот Парламент Иван Кариќ.
Конференцијата ќе се одвива во четири пленарни сесии на темите: Ризик од катастрофи и подготвеност за нив, Заштита и конзервација на природните ресурси (вода, почва, шуми, биодиверзитет), Безбедност на храната и Финансирање на мерките за еколошка безбедност.
Целите на Конференцијата се да се зајакне еколошката безбедност на Балканот преку зајакнување на институциите, зголемување на државните буџети за оваа намена, како и институционално вмрежување на земјите во регионот за поефикасно да се одговори на предизвиците од климатските промени кои се посилно и почесто се чувствуваат во вид на катастрофални поплави, пожари, уништување на биодиверзитетот, загрозување на земјоделието и слично.
Претходно зелените партии од регионот веќе формираа Балканска коалиција за еколошка безбедност, а Конференцијата претставува продолжување на оваа иницијатива.