Дискусија на пратеничката Лилјана Поповска на јавната расправа на 29.9. за проширената верзија на уставниот амандман за бракот:
Овој амандман претрпе измена од првиот предлог за менување на Уставот до сега. Во првата верзија беше дефиниран бракот како заедница меѓу еден маж и една жена. Го поддржав, зашто и за мене бракот е важна клетка на општеството. Не сметам дека бракот е загрозен, но имам разбирање за различните идеолошки определби меѓу нас како пратеници и желбата на демохристијанските колеги ова да го предложат.
Кажав дека ова ќе биде прифатливо за најголем број наши сограѓани, освен за ЛГБТлуѓето, кои се малцинска група, како и во секое општество, и тие може да го сфатат како непризнавање на нивното постоење и реалност.
Најавив дека ќе иницирам измени и дополни на Законот за антидискриминација со додавање „сексуална ориентација“ како еден од основите за дискриминација. Сметав дека на ваков начин ќе се направи баланс, зашто ЛГБТ луѓето ќе добијат јасна порака и гаранција дека и нивните права во Македонија се заштитени со закон, како и за сите граѓани.
Овој амандман претрпе суштествена измена во летниот период. Додадена му е дефиниција за вонбрачна заедница и партнерство, која е исто така дефинирана каква смее да биде. Со оваа додавка амандманот стана проблематичен и неприфатлив. Имено, се навлезе во приватната сфера на граѓаните, што е недозволиво според меѓународните конвенции за почитување и заштита на човековите слободи и права. Како може државата да се меша во приватниот живот на луѓето и да им ѕирка во домовите?
Не се само ЛГБТ-луѓето тие што ќе бидат со ова оштетени, туку и други граѓани, кои од различни лични причини се здружиле во заедница. Тоа може да биде и постар човек и дете, кои живеат со други луѓе.
Ако е дозволено само хетеросексуално партнерство и заедница, тогаш се изведува заклучок дека се друго е забрането. А она што од државата е забрането, таа може да го гони. Се поставува прашањето: дали државата има намера да ги гони ЛГБТ-луѓето? Поради која причина и со која цел? Јас верувам дека сегашните предлагачи немаат таква намера, но кој ќе гарантира дека некои идни спроведувачи нема по тоа да посегнат?
Македонија е земја која има многу сериозни проблеми и се бори со нив, повеќе или помалку успешно. Нам не ни требаат измислени непријатели. Се работи за живи луѓе, наши сограѓани, ЛГБТ-луѓе. Малцинска групација, како и во секое општество, која не може надвор од својата природа и која има право на живот, на работа, на правда, на љубов. За луѓе се работи, различни од мнозинството. Луѓе кои не смеат да бидат дискриминирани, ни понижени. И кои дефинитивно не треба да се мразат. Ниту да се мразат оние, кои не ги мразат ЛГБТ-луѓето.
Треба да сфатиме дека, создавајќи им проблеми во секојдневниот живот на ЛГБТ-луѓето, државата ќе си создаде проблеми себеси во целост, зашто ќе се судри со правдата и со меѓународното право.
Поради обид да се пропише нечија приватност што е неприфатливо, нa последното гласање не ја поддржав оваа формулација и гласав воздржано. Понатаму ќе дадам амандман за бришење на додатокот во дефиницијата и доколку тоа не се прифати, нема да го поддржам овој уставен амандман.
Ова е мој став како претставник на зелената идеологија и како поборник за недискриминација и почитување на човеките права.
Се надевам дека ќе се најде решение со кое на вистински начин ќе се уреди нашиот правен систем.