ПОПОВСКА: Дефинирање вонбрачна заедница во Уставот е мешање во приватната сфера

Дискусија на пратеничката Лилјана Поповска на собраниската седница на 27.8. за проширената верзија на уставниот амандман за бракот:

Овој амандман претрпе измена од првиот предлог за менување на Уставот до сега. Во првата верзија беше дефиниран бракот како заедница меѓу еден маж и една жена. Го поддржав, зашто и за мене бракот е важна клетка на општеството. Не сметам дека бракот е загрозен, но имам разбирање за различните идеолошки определби меѓу нас како пратеници и желбата на демохристијанските колеги ова да го предложат.

Овој амандман претрпе суштествена измена во летниот период. Додадена му е дефиниција за вонбрачна заедница и партнерство, која е исто така дефинирана каква смее да биде. Со оваа додавка амандманот стана проблематичен и неприфатлив. Имено, се навлезе во приватната сфера на граѓаните, што е недозволиво според меѓународните конвенции за почитување и заштита на човековите слободи и права. Како може државата да се меша во приватниот живот на луѓето и да им ѕирка во домовите?

Не се само ЛГБТ-луѓето тие што ќе бидат со ова оштетени, туку и други граѓани, кои од различни лични причини се здружиле во заедница. Тоа може да биде и постар човек и дете, кои живеат со други луѓе.

Ако е дозволено само хетеросексуално партнерство и заедница, тогаш се изведува заклучок дека се друго е забрането. А она што од државата е забрането, таа може да го гони. Се поставува прашањето: дали државата има намера да ги гони ЛГБТ-луѓето? Поради која причина и со која цел? Јас верувам дека сегашните предлагачи немаат таква намера, но кој ќе гарантира дека некои идни спроведувачи нема по тоа да посегнат?

Македонија е земја која има многу сериозни проблеми и се бори со нив, повеќе или помалку успешно. Нам не ни требаат измислени непријатели. Се работи за живи луѓе, наши сограѓани, ЛГБТ-луѓе. Малцинска групација, како и во секое општество, која не може надвор од својата природа и која има право на живот, на работа, на правда, на љубов. За луѓе се работи, различни од мнозинството. Луѓе кои не смеат да бидат дискриминирани, ни понижени. И кои дефинитивно не треба да се мразат. Ниту да се мразат оние, кои не ги мразат ЛГБТ-луѓето.

Треба да сфатиме дека, создавајќи им проблеми во секојдневниот живот на ЛГБТ-луѓето, државата ќе си создаде проблеми себеси во целост, зашто ќе се судри со правдата и со меѓународното право.

Поради обид да се пропише нечија приватност што е неприфатливо, не можам да ја поддржам оваа формулација и ќе гласам воздржано. Понатаму ќе дадам амандман за бришење на додатокот во дефиницијата и доколку тоа не се прифати, не ќе можам да го поддржам овој уставен амандман.