Остварена средбата на Претседателот Иванов со ДОМ за климатските промени

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претставници на политичката партија „Демократска обнова на Македонија“, предводени од нејзиниот претседател, г-ѓа Лилјана Поповска.

На средбата беа разменети мислења за начините на идна координација и соработка во однос на прашањата од доменот на екологијата, заштитата на животната средина, зачувувањето на природните ресурси во Република Македонија, како и во справувањето со предизвиците од климатските промени.

Претседателот Иванов ги поздрави досегашните ангажмани на „Демократската обнова на Македонија“, како политичка партија во Република Македонија што ја застапува зелената опција, за придонесот на ова поле и изрази очекување дека и во наредниот период, тие ангажмани ќе продолжат со засилено темпо, како дел од стандардите што Република Македонија треба да ги достигне на патот кон евроатлантските интеграции. Македонскиот претседател истакна дека, како и до сега, прашањата од областа на екологијата и животната средина ќе останат високо на неговата агенда.

Соговорниците заклучија дека е потребна поголема посветеност за вклученоста на Република Македонија кон надминувањето на предизвиците во борбата со климатските промени, како на регионално, така и на планетарно ниво.