ДОМ изразува жалење за изгубениот млад живот и повикува на разум и заштита на безбедноста и имотот на граѓаните

ДОМ изразува огромно жалење и сочувство до семејството, роднините и пријателите на младиот Ангел. Ги повикуваме институциите на системот што е можно побрзо да го донесат пред лицето на правдата сторителот на овој брутален чин.

ДОМ очекува од надлежните институции да ги зголемат мерките за заштита на животот, безбедноста на граѓаните и за заштита на нивниот имот. Очекуваме политичките фактори во Македонија едногласно да го осудат убиството и да се заложат за смирување на состојбата која може многу лесно да ескалира.

Упатуваме апел до граѓаните на општина Ѓорче Петров својот бес, тага и чувството на ужас да ги контролираат и да не дозволат овие бурни емоции да надвладеат создавајќи дополнителни тензии и несакани инциденти. Како граѓани мораме да покажеме висок степен на толеранција и верба во капацитетите на институциите дека ќе се справат брзо и ефективно со девијантните појави, за што од ДОМ имаат поддршка – рече машкиот портпарол Тони Ристов.

Истакнуваме дека и во овие тешки моменти, единствениот пат кој е вистински е оној на правдата, правото и мирот. На агресијата и насилството не смее да биде вратено со насилство и агресија, а чувството на гнев не треба да ја потисне рационалноста на граѓаните. ДОМ упатува апел и до медиумите, да бидат внимателни и да се придржуваат до етичките стандарди при објавување вести поврзани со овој трагичен случај, особено во поглед на етничките димензии што вакви немили настани може да изродат – изјави женскиот портпарол Маја Морачанин.

Со почит,

Сектор за односи со јавност на ДОМ