На денешното врачување на уверенијата за пратеници во Државната изборна комисија (ДИК), претседателката на Демократската обнова на Македонија Лилјана Поповска пред присутните пратеници им се заблагодари на членовите на ДИК што изборите протекоа во мирна и демократска атмосфера во која граѓаните ја искажаа својата волја. Изрази надеж дека во парламентот ќе бидат присутни сите пратеници за кои граѓаните гласале бидејќи од нив тоа и се очекува.
Како пратеник со 12 годишен стаж и петте мандати Лилјана Поповска укажа дека неточно се толкува Уставот и законот, односно дека мандатот не може да се врати групно одеднаш од еден политички субјект, туку индивидуално низ законската процедура.
Во продолжение додаде дека борбата за демократијата е неисцрпна и секогаш е потребно да се унапредува, а процесот ќе биде поуспешен ако се работи заедно и од позицијата и опозицијата.