ДОМ бара од проф. Ѓорѓе Иванов, како претседателски кандидат, да се обврзе дека уште во текот на 2014 година ќе поведе регионална иницијатива за борба со климатските промени, доколку биде избран.Земјината топка ни е заедничка татковина, а водите и воздухот не признавааат политички граници. Екологијата е уникатна токму по својата обединителна моќ, каде сите наши соседи ни се природни сојузници и соработници за опстанок и поквалитетен живот.
Македонија е дел од Балканот и поширокиот Медитерански регион кој веќе покажува видливи знаци за променета клима. Температурите се повисоки, а разликите во годишните сезони намалени. Тоа негативно влијае врз здравјето на луѓето, но и врз растителниот и животинскиот свет.
Она што ДОМ, како зелена партија, го бара од Иванов е да поведе иницијатива во рамките на своите надлежности за меѓународна соработка, за поврзување на регионот за намалување на штетите предизвикани од човекот, но и за прилагодување кон новите состојби.
Побаравме средба со него, на која би му ја образложиле идејата на ДОМ и би очекувале јавно ветување дека ќе преземе серија активности во оваа насока – од меѓународни конференции, преку договори за соработка, се до реализација на програми и проекти за зачувување на слатките води и нивно правилно и одржливо користење, отстранување на стари историски загадувања и прекин на тековни загадувања, стратешко зголемување на зелените површини во градовите, каде живее 50% од популацијата и редица други мерки.
Свесни сме дека оперативниот дел на ваквата координирана борба со климатските промени е обврска на владите и локалните самоуправи на сите земји од регионот, но глобалната рамка и поттикот може и треба да дојдат од првите луѓе на државите, во соработка со соодветни тела при Обединетите нации и други меѓународни организации и институции.
На прес конференцијата зборуваше претседателката на ДОМ Лилјана Поповска