ДОМ: Има спас за тутунот – со знаење до биогориво и храна

Деновиве со право се крена узбуна за препораките од Рамковната конвенција за контрола на тутунот, кои бараат намалување на површините и прекин на субвенциите. За Македонија е тоа неприфатливо и во овој момент би било самоубиствено, зашто над 40.000 семејства живеат од тутун, а тој е меѓу најважните извозни производи.

Но, ова треба да се сфати како аларм за да размислиме каде одиме на долг рок. Факт е дека во светот му е објавена војна на пушењето, како докажан причинител на тешки заболувања и смрт.

Имаме ли алтернатива? Секако. Има спас за тутунот во Македонија – со знаење  се доаѓа до биогориво, храна и многу други полезни продукти, преку релативно едноставни технологии. Тоа е пример за зелена економија и зелени работни места, за кои ДОМ се залага, а во светот постојат многубројни фондови и поволни кредити.

Значи, наместо да го береме, нижеме, сушиме и гориме листот на тутунот, а се друго да фрламе, треба да се научиме да го користиме секој дел од билката. Семето, кое сега се фрла и го јадат птиците, содржи околу 40% масло, кое лесно може да се  издвои за производство на биогориво. Остатокот е т.н. ќуспе, кое содржи протеини и др. хранливи материи, погодни за сточна храна. Инаку, сите делови од тутунот заедно може да се користат како биомаса за производство биогас, посебно метан, а остатокот како биоѓубриво. Листот на тутунот е богат извор и на други суровини, кои со екстракција даваат многу вредни состојки за храна, медицина и козметика. Покрај другото, од некои тутунски екстракти се прават еколошки средства за заштита на растенијата, наместо опасните синтетички пестициди.

Во светот се одамна докажани овие можности на тутунот, постојат и централи за биогориво од тутун, но се до сега моќната тутунска индустрија не дозволила овие релативно едноставни постапки да прераснат во масовна индустрија.

            Во Македонија, според наши сознанија, најстручен за овие постапки е д-р Борис Јанковски од институтот ВЕДА, кој отишол најдалеку во докажувањето на скриените вредности на тутунот како биогориво и храна на иднината. Пред извесен број години беше најавен поширок проект на оваа тема, но од нам непознати причини, тоа не е реализирано.

            ДОМ, како зелена партија која се залага за зелена економија како голема неискористена шанса на Македонија, го отвора ова прашањето за поинаков третман кон тутунот, со знаење и современи технологии, за да постигнеме многукратно поголеми добивки за производителите и државата, но и да се вклучиме во светските трендови за борба за почиста животна средина и подобар квалитет на живот.

ДОМ на Владата и предлага да направи најпрвин пилот проект, а подоцна и долгорочна програма за поинаков третман на тутунот и тутунопроизводството.

Прес конференцијата ја одржа претседателката на ДОМ Лилјана Поповска, денеска (вторник), 04.02.2014, од 13 часот,  во централните партиски простории.

Сектор за односи