ДОМ: Мерки за побрзо постигнување енергетска ефикасност и пониски сметки за струја

Од ДОМ изразуваме задоволство што Владата активно работи на зголемување на енергетската ефикасност, особено поради тоа што ова беше еден од прифатените приоритети за нашиот коалициски настап во 2011. И тогаш и сега, тврдиме дека зголемената енергетска ефикасност значи подобар квалитет на живот и пониски сметки за струја за граѓаните, а истовремено отворање нови зелени работни места и помалку потрошена енергија за државата.

Затоа ДОМ, како зелена партија, фокусирана на одржливиот развој, ја охрабрува Владата да ги интензивира активностите во енергетската ефикасност. Свесни за слабата економска моќ на населението како главна пречка за да преземат сопствена иницијатива за обновување и изолација на своите домови, предлагаме редица мерки, применети и во други земји:

–          Владата да обезбеди субвенции за физички и правни лица (во индивидуални домови и во заедници на станари) за постигнување енергетска ефикасност.

–          Постапката за издавање енергетски пасош да биде ефтина и достапна за сите, а вкупните трошоци да не бидат повеќе од 20% од минималната плата во Република Македонија.

–          Агенцијата за енергетика во најкус рок да избере фирми што ќе вршат обуки за енергетски контролори.

–          Владата преку надлежните институции да започне процес на обука и воведување образовна програма за градежни работници специјализирани за градба на енергетски ефикасни објекти или изолација на веќе постоечки објекти – со цел да се зголеми конкуренцијата на пазарот, а цените на градежните активности да се намалат, но воедно да се обезбеди и долгорочна одржливост во квалитетот на градбите, нивно санирање по извесен временски рок итн.

–          Владата на деловните субјекти да им овозможи пристап, со специјално подготвена програма, до ефтини кредити со ниска каматна стапка.

–          Локалните власти да преземат активности  за реставрација или реновирање на стари згради од јавен карактер (училишта, амбуланти, болници, градинки, спортски сали, административни згради и други), ова значи активно спроведување на локалните акциони планови за енергетска ефикасност.

–          Локалните власти да подготват програми за субвенционирање на социјално загрозените семејства за обнова и изолација на нивните домови, со што ќе се постигне енергетска ефикасност.

–          По претходна анализа, препорачуваме, да се намалат цените на потребниот градежен материјал и елементи за зголемување на енергетската ефикасност.

–          Во Правилникот за Енергетски карактеристики на зградите да се постави временска рамка, со која ќе се определи точниот рок од кога ќе започне неговото стриктно применување.

ДОМ верува дека со преземењето на овие мерки ќе се забрза процесот на добивање енергетски пасош на секој приватен и јавен објект. Тоа ќе доведе до намалување на потрошувачката на енергија кај физичките и правните лица, што значи ќе се намалат драстично сметките за струја, а истовремено ќе се намали загадувањето од греење со несоодветни евтини горива. На државно ниво, пак, ќе се намали потребата од увоз на електрична енергија и ќе се забрза процесот на отворање нови зелени работни места.

На пресот зборуваше портпаролот на ДОМ Тони Ристов