ДОМ ја поддржува граѓанската иницијатива „Да го спасиме Водно“

Ги повикуваме сите скопјани во недела да земат учество во оваа акција. Како партија ги повикуваме и нашите членови и симпатизери, преку сопственото учество, да ги искажат уште еднаш нашите долгогодишни заложби за заштита на „скопските бели дробови“ од урбанизација, дива сеча и лизгање на земјиштето.

ДОМ упатува јавна поддршка на неформалната група граѓани „Да го спасиме Водно“ и ги повикува сите скопјани во недела да земат учество во оваа акција. Како партија ги повикуваме и нашите членови и симпатизери, преку сопственото учество, да ги искажат уште еднаш нашите долгогодишни заложби за заштита на „скопските бели дробови“ од урбанизација, дива сеча и лизгање на земјиштето. Водно е симбол на коегзистирање на Скопјани со природата и треба да сториме се тоа да остане така за нас и за генерациите по нас.

ДОМ има разбирање за инфраструктурни проекти кои ќе го подигнат квалитетот на животот на граѓаните, но да не заборавиме: нема ништо поважно за квалитетот на живот од чист воздух и поврзаност со природата. Како зелена партија ја поставуваме својата црвена граница:

Бараме цврсто ветување од градските и општинските власти, дека со завршувањето на веќе започнатите градежни активности, ќе заврши и деградацијата на парк-шумата и конечно ќе биде поставена границата од каде Скопје нема веќе да се шири кон Водно, зашто „и Водно е наш дом”, како што повикавме уште далечната 2007. Не смееме да го повториме катастрофалниот еколошки пример со Атина, која е школски пример за погрешен развој на еден град, кој две планини шума ги замени со бетон и сега гори со 50◦С во летните денови.

Неколку години наназад ДОМ јавно бараше да се спречи нарушувањето на животната средина на Водно и неговата околина. Потсетуваме на барањата на ДОМ:

  • Ревизија на деталните урбанистички планови на општините  кои зафаќаат територија од Водно, кои ги поместиле границите на градежното земјиште на штета на парк-шумата.
  • Претворање на парк-шумата Водно во заштитено подрачје како зелена еко зона за идните генерации, во коja никогаш веќе нема да биде дозволено подигање бетонски бедеми (згради) кои ќе го загушат нашиот град.
  • Уточнети граници на ГУП-от, како и на границите на парк-шумата Водно.
  • Стоп за висококатници на Водно, за да не дојде до лизгање на земјиштето.
  • Општината Сопиште да се откаже од повеќекатници преку промена на ДУП-от.
  • Запирање на проектот Јужна обиколница преку Водно, зацртан уште пред две децении.
  • Запирање на проектот за ски-патека на Водно.
  • Да се утврдат зелените површини во Генералниот урбанистички план (стремејќи се кон европскиот стандард од 25 м² зелени површини по жител).  
  • Изработка на зелен катастар на Скопје.
  • ТРИ ЗА ЕДНО – секое исечено дрво во Скопје да се надомести со садење најмалку три нови во близина на исечените.
  • Скопје да влезе во мрежата на зелени градови I.C.L.E.I.

На прес конференцијата зборуваше портпаролот Тони Ристов

Со почит,

Сектор за односи со јавност