Делегација од ДОМ предводена од Лилјана Поповска денес имаше работна средба со техничкиот директор и лица одговорни за екологијата во компанијата Арчелор Митал, сместена во кругот на Железара.
Претставниците од компанијата ја истакнаа својата определба за почитување на еколошките стандарди и спремноста да го запазат рокот до април 2014. Тие досега имаат исполнето 90% од оперативниот план. Останатите 10% се однесуваат на преработка на дел од отпадните води, за кои се бараат иновативни зелени решенија.
По Фени, Арчелор Митал е втората голема компанија која работи да го испочитува законот. Неодамна на јавна трибина во Кавадарци на директно прашање од Поповска, менаџерите на компанијата одговорија дека ќе го запазат законскиот рок за еколошко прилагодување, што беше проследено со аплауз од присутните.
Како што е познато, петте најголеми компании од металуршкиот сектор бараа продолжување на рокот за еколошко прилагодување за уште 5 години, со објаснување дека поради кризата нема да бидат во можност да ја исполнат законската обврска.