Растат заложбите за зелено Скопје и за зелена Македонија

ИМА ГРАДСКИ ДЕЦА ШТО ЗЕЛЕНАТА БОЈА И МИРИСОТ НА ПРИРОДАТА ГИ ГЛЕДААТ И ГИ „ВДИШУВААТ“ САМО НА СЛИКИ И НА РЕКЛАМНИ СПОТОВИ.

Професорот Денко Скаловски, член на партијата Демократска обнова на Македонија, на последните локални избори стана советник од ДОМ во Советот на градот Скопје. Со еколошка и родова проблематика Скаловски се занимава повеќе од дваесет години. Тој е еден од основачите на првите еколошки друштва во Македонија, како и еден од основачите на Движењето на екологисти на Македонија (ДЕМ). Работи како редовен професор на Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет, при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој вели дека на градот му требаат многу повеќе дрвореди, паркови, цвеќиња и уредно одржувани, чисти и естетски негувани зелени површини за да го достигне европскиот просек на зеленило.

Кој е вашиот став за состојбата со зеленилото во општината Центар, односно за сечењето на дрвјата спроти хотелот „Бристол“?
– Сечењето на дрвјата спроти хотелот „Бристол“ нѐ растревожи сите. Такво нешто не смее да се повтори. И по повод овој настан, и по повод постојаното намалување на зелените површини во општината Центар, мојот став е речиси идентичен со ставот на ДОМ. Го осудувам ваквото насилничко уништување на и онака малку зеленило што остана во централното градско подрачје. Меѓутоа, за жал, со оглед на прозивката на ДОМ како единствена одговорна и виновна за ова уништување, принудени сме да ја потсетиме јавноста дека и советниците од ЛДП и од НСДП во претходниот состав го сочинуваа мнозинството во Советот на општината Центар. И тие ја носат одговорноста за сечењето на зеленилото спроти хотелот „Бристол“. Впрочем, случајот е даден и на Уставен суд. Не случајно народот рекол секое зло за добро. Бурната реакција на овој немил настан сведочи дека нивото на еколошка свест на граѓаните рапидно расте. Тоа е она што влева оптимизам во нашите заложби за зелено Скопје и, се разбира, за зелена Македонија.

Колку Скопје е зелен град? Дали за сметка на урбанизацијата страдаат зелените површини?
– Скопје, за жал, е далеку од зелен град. Тука е и мојот главен, личен мотив за ангажман како член на Советот на градот Скопје од ДОМ, а тој мандат започна пред две недели. Јас ќе се борам Скопје да стане зелен град. Со неконтролираната и незаконска урбанизација логично е дека први на удар се зелените површини. Притоа се менува микроклимата, се намалува изворот на чист воздух и се загрозува здравјето на сите граѓани на Скопје, особено на младите и децата, како и на постарите лица. Има градски деца што зелената боја и мирисот на природата ги гледаат и ги „вдишуваат“ само на слики и на рекламни спотови. Да не зборуваме дека голем дел од нив возат автомобил, а не знаат да возат велосипед или ролерки.

Каков е просекот на зеленило во Скопје во однос на другите градови во Европа? Кој е просекот на европско ниво за зеленило по жител на квадратен метар?
– Секој „зелен“ просек на Скопје е далеку под просекот на речиси сите други градови во Европа, па и во однос на поголемите градови од некогашниот југословенски простор. Згора на тоа, тој уште и се намалува со ова што сега се случува. Нашиот просек е некаде над 10 квадратни метри зеленило по глава на жител, а европскиот просек е речиси двојно поголем. Затоа на Скопје му требаат многу повеќе дрвореди, паркови, цвеќиња и уредно одржувани, чисти и естетски негувани зелени површини. Истото се однесува и за парковите, шумите и излетничките места во негова непосредна близина.

Каква иднина му предвидувате на Скопје во однос на зеленилото и од еколошки аспект?
– Иднината на Скопје зависи од она што ние денес ќе го направиме и каков град ќе им оставиме во природно и културно наследство на нашите идни поколенија. Со ова темпо и вака како што сме тргнале, работите одат кон полошо, а не кон подобро. Мора да се освестиме и да ја преземеме одговорноста за долгорочните последици на нашите постапки. Профитната логика агресивно и силеџиски се наметнува, законите не се почитуваат. За еколошките последици не мислат токму оние чија морална должност и политичка одговорност е најголема. Урбаните узурпатори се во офанзива. Борбата со нив, без разлика од која политичка партија доаѓаат, ќе биде тешка и жестока. Доколку ја немаме масовната и широка поддршка од граѓаните, шансите на ДОМ и моите, како градски советник, за победа во таа борба ќе бидат многу мали.

текстот и сликата се превземени од веб-страницата на дневниот весник Нова Македонија www.novamakedonija.com.mk