Поддршка од Европските Зелени за ДОМ да продолжи со еколошки одговорни политики

Скопје, 20 март 2013

Со денешното потпишување ДОМ во целост ја поддржува кампањата на Коалицијата „Екологијата приоритет“ составена од 13 еколошки невладини организации.

Историското загадување, од старите фабрики со валкана технологија, направено пред многу децении во 13 општини (Велес, Гази Баба, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Кисела Вода, Кичево, Крива Паланка, Липково, Македонска Каменица, Новаци, Пробиштип, Радовиш и Скопје), не може да се реши само по себе. Потребна е решителна акција како на локално така и на национално ниво. Ние од ДОМ, преку нашите зелени советници ќе бидеме дежурна еко-патрола и ќе ги убедиме општините да ги преземат сите потребни мерки за еколошките жешки точки навистина да станат историја – рече портпаролот на ДОМ Тони Ристов, при потпишувањето на предложените заложби од страна на Коалицијата „Екологијата приоритет“.

Ги повикуваме и кандидатите за градоначалниците, но и колегите од останатите советнички листи, да ја поддржат оваа иницијатива и со тоа да покажеме дека сме еколошки одговорни, дека ги почитуваме човековите права на здрав живот и дека со решавање на ова прашање ќе помогнеме да биде задоволена правдата кон жителите на овие општини.

Впрочем ова ни го порачува и Генералниот секретар на Европската Зелена Партија, Жаклин Кремерс преку „Писмото со поддршка за локалните избори“ упатено до ДОМ во кое стои: Сите ние се соочуваме со предизвици во нашите земји кои треба да ги преструктурираат на иновативен начин нашите општества, но и да ги одржат и засилат демократските основи и управувањето со нив.

Меѓу другото Европската зелена партија ја поздравува одлуката на ДОМ за самостоен настап во 43 општини ширум Македонија. Вкупната бројка од 777 кандидати за советници ја сметаат за импресивна и го поздравуваат фактот дека на советничките листи има еднакво учество на мажи и жени кандидати.

Од страна на Комитетот на Европската зелена партија ни упатуваат желби за успех во последната недела од кампањата и на претстојните избори.

Се надевам дека резултатот ќе ја постави партијата како трета политичка сила во Македонија – завршува Кремерс во писмото упатено до ДОМ.