Отстранување на велешките патарини

Велес – 11.03.2013 – ОО ДОМ – Велес ja проддожува иницијативата за отстранување на патарината на потегот Велес – Катланово и патарината Катланово – Велес, попознати како велешки патарини но бараме и политичка поддршка од останатите учесници на локалните избори. Ова е конкретно решение со кое ќе можат да се намалат трошоците за патување на сите од Велес, Јужна и Источна Македонија кои патуваат кон Скопје и од Скопје. Затоа без многу филозофија и само голи ветувања во предизборието, бараме конкретен став дали и другите се или не се за оваа иницијатива.

Општинската организација на Демократска обнова на Македонија – Велес (ОО ДОМ – Велес) пред неколку месеци jа започна иницијативата за отстранување на патарините на потегот Велес – Катланово и Катланово – Велес. Сето тоа остана без било каков одговор од одредени институции. Затоа во насока на целосна поддршка на граѓаните од Велес и подобрување на условите за живот и застапување на интересот на граѓаните, во период кога е се поактуелен Коридорот 10, негово обновување и доградба, но и кога е се поактуелно издавање на патарините под концесија ja проддожуваме иницијатива за отстранување на патарината на потегот Велес – Катланово и патарината Катланово – Велес, попознати како велешки патарини но бараме и политичка поддршка од останатите учесници на локалните избори. Ова е конкретно решение со кое ќе можат да се намалат трошоците за патување на сите од Велес, Јужна и Источна Македонија кои патуваат кон Скопје и од Скопје. Затоа без многу филозофија и само голи ветувања во предизборието, бараме конкретен став дали и другите се или не се за оваа иницијатива. Доколку не се добие оваа поддршка ДОМ Велес, со поддршка на општинските организации на ДОМ од Чашка, Неготино, Лозово, Свети Николе, Штип и останатите ќе започне со собирање на потписи за поддршка на оваа иницијатива.

Потсетуваме дека при согледување на стандардите за модерен автопат како: безбедност, брзина од 100 -130 км на час, неколку коловозни ленти, радиус на кривини и прегледност, лента за принудно запирање, соодветна ширина на банкините, вертикална и хоризонтална сигнализација, заштитна жична ограда, рамен коловоз и согледувајќи ја реалноста сметаме дека по автопатот за кој се плаќа најскапа патарина безбедноста на патниците е доведена во крајна опасност. Сведоци сме на неодамнешните одрони кои се случија на реновираниот дел од коридорот помеѓу Катланово и Велес.

Велешките патарини треба да бидат целосно укинати и поради фактот на непостоење алтернативен пат од Велес до Катланово и Катланово – Велес кој што е во функција и преку кој на сите нам ќе ни се остави избор да се движиме по автопат побрзо и побезбедно и за тоа да платиме или ќе се движиме по спореден пат но бесплатно.

Друг важен момент е што некои патни делници на кои веќе со години се наплаќа патарина се изградени со обврзници за патишта од граѓаните, со инвестиции или со кредити, а кои со наплата од над 20 години веќе се вратени. Поради тоа граѓаните и стопанството треба да бидат ослободени од плаќање на патарина. Таков случај е делницата од меѓународниот „Коридор 10“ од Куманово до Велес, која нема комплетни карактеристики на автопат, иако се наплаќа патарина.

Граѓаните во Македонија имаат трикратни давачки како придонес кон патиштата кога се движат со моторни возила. Соодветен процент се одвојува при регистрација на возилото, потоа одреден процент е вграден во енергенсите што ги користат возилата и третпат граѓаните плаќаат патарина на автопатите.

Наплатните рампи се поставени на екстремно многу куси растојанија од 15 до 20 километри и предизвикуваат застој во сообраќајот. Честите застанувања пред наплатните рампи ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот, особено во услови на намалена видливост, ја зголемуваат потрошувачката на гориво, а со самото тоа влијаат и на животната средина.

Задоволни сме што се интервенираше во обнова на дел од автопатот од Скопје до Велес, веруваме дека ќе се случи целосна обнова и на потегот и од Велес до Катланово, зашто автопатот сега е во навистина лоша состојба, а претставува една можеби најдинамична артерија во Македонија но битна и за целиот Балкански регион.

Задоволни сме што Владата на Македонија наоѓа низа мерки во корист на граѓаните на Македонија во справувањто со последиците од економската криза која ја зафаќа и Македонија, затоа веруваме дека и овој наш предлог ќе наиде на одобрување.