Под слоганот „Избери зелено, диши слободно“ Демократската Обнова за Македонија ја започна изборната кампања со промоција на својата советничка листа од општина Велес.
Вкупно 23 кандидати од редовите на ДОМ ќе се борат за советничките места во новиот велешки совет а носител на листата е претседателот на партијата во Велес, Стевче Дечев кој заедно со претседателката на партијата, Лилјана Поповска се обрати пред велешани. Веруваме дека Велес ќе остане да биде градот пример за еколошка зелена револуција и дека и во иднина сите заеднички ќе останеме обединети во борбата против најголемиот загадувач, истакна, Дечев.
Ние бевме првата политичка партија која јасно и недвосмислено застана зад барањата на Зелената Коалиција во борбата против рестартирање на Топилницата а јас како пратеник заедно со велешкиот градоначалник застанавме во првиот ред а потоа сите политички партии се обединивме во фронт за зелен и здрав Велес, истакна, Поповска. ДОМ на овие избори најави дека ќе се залага за зелени општини за здрав живот, зелена економија и зелени работни места, социјална правда и еднакви можности за сите и толеранција, разум и соработка. На овие избори ДОМ настапува со речникот на мирољубивоста, со многу толеранција затоа што тоа и треба во моментов на Македонија а ние се нудиме како подадена рака за намалување на разликите, порача, Поповска.