ДОМ е отворена партија за секој што ја сака Македонија и ги споделува нашите вредности за демократијата, социјалната правда, одржливиот развој и екологијата. ДОМ настапува со толеранција, разум и одмереност и затоа најчесто привлекува луѓе кои ги поседуваат токму овие особини, како што е случај со колегите кои дојдоа од ЛДП. Тоа се угледни луѓе во своите средини и не случајно беа на раководни позиции во партијата и советници.
Имам големо разбирање за причините поради кои колегите преминаа од ЛДП во ДОМ. И самата излегов оттаму пред 7 години, поради тоа што не ми беше дозволено да имам свој став, различен од оној на раководството на партијата. Јас бев долгогодишен член на ЛДП и Потпретседателка на Собранието. Но свесно се откажав од високата функција поради несогласување со Законот за територијална организација. Така ја иницирав ДОМ како партија за демократска обнова на Македонија, каде секој може да го искаже и задржи различниот став, без никакви последици.
Не оправдувам бојкот на институциите и на изборите. Тоа е погрешен пат кој не води никаде, тоа е слепа улица. Тоа го осознаа деновиве илјадници добри луѓе од СДСМ, ЛДП и други партии, чии раководства не им дозволија да се кандидираат на локалните избори. Тоа е неприродна ситуација – секој граѓанин има право да избира и да биде избиран. Кршењето на ова право е диктатура на мали групи во партиските врхушки, кои од само ним познати причини си играат со судбините на своите членови, но и со цела Македонија. Ова е неприфатливо.