Изјава на Лилјана Поповска по повод случувањата во Собранието на Република Македонија

Чуствувам потреба да го споделам со јавноста моето лично видување и доживување на она што се случуваше во Собранието.

 Многу жалам поради немилите настани во Собранието пред седницата на 24 декември. Длабоко ме потресоа, и поради присилните мерки што беа преземени кон новинарите и пратениците, и поради нападот врз Претседателот на Собранието и поради задните намери на организаторите на протестите.

Всушност, настаните од 24-ти беа кулминација на се што се случуваше со блокадата што ја наметнаа колегите од опозицијата при носењето на Буџетот. И пратениците и службите, месец дена беа заложници на едно погубно сценарио за рушење на легално избраните институции. Беа применети сите дозволени и недозволени средства. Чувме многу лични навреди и говор на омраза во официјалните простории, а уште повеќе надвор, по ходниците, каде што не фаќа камера. Она што го видовме и доживеавме ние,  како пратеници, како пратенички во тој еден месец, е подобро да се заборави, ако воопшто може…

Блокадата на носењето на Буџетот е нешто до сега невидено кај нас. Таква злоупотреба на функцијата пратеник не се случила во нашата досегашна парламентарна историја.

За мене  е нормално да се искажат различни гледишта за закон или Буџет, се во рамките на демократските процедури на однесување. Вообичаено е, на крајот на дебатата, опозицијата да гласа против Буџетот. Но за мене е неприфатливо физички да се спречува носење на Буџет од кој зависи нормалното функционирање на државата. Посебно во услови на глобална економска криза, во тек на преговори за членство во Европската Унија и во очекување на тешки разговори околу наметнатиот спор со името. Таква штета на своја држава не смее да и се прави.

 Никој нема право да ја урива државата, ни маж, ни жена. Државата беше доведена во состојба да се брани од неодговорни луѓе на кои власта им е поважна од државата. Жалам и за тоа, што добри луѓе во опозиционите редови беа вовлечени во ова сценарио и злоупотребени.

Најголемата штета е, сепак, распалувањето зла крв и омраза помеѓу граѓаните, врз база на политичка припадност. Апелирам, замолувам, за разум, одговорност и почитување на институциите, во интерес на сите граѓани, зашто Македонија е наш заеднички дом. Да го зачуваме.