Година дена по иницијативата на ДОМ и Асоцијацијата од невладини организации „Ајде Македонија“, ќе се реализира големата акција за чистење на Македонија. На оваа акција и претходеше пролетната пилот-акција која се одржа на 21 и 22 април, при што учествуваа 1374 волонтери и беа собрани 1153 кубни метри отпад во 6 општини. На 6 октомври, учество ќе земат 40 општини од Република Македонија. Оваа акција не служи само за расчистување на отпадот во нашите заедници, туку и како настан кој ќе го поттикне локалниот активизам за справување со отпадот.
Акцијата ќе биде поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање, информираше на прес-конференција заменик министерот Стево Темелковски. Тој посочи дека државата ги заокружи законските регулативи што ги бараше Европската унија и оти сега треба да се премине на нивна имплементација. Потсети дека Македонија веќе е поделена на осум плански региони и оти во Југоисточниот регион во тек е изградба на фабрика за преработка и третман на отпадот.
Антонио Јовановски, претседател на граѓанската асоцијација „Ајде Македонија“, истакна дека посебен акцент ќе биде ставен на собирањето отпад, при што, според него, целта е во наредните години во земјава да се создава помалку отпадот.
– Акцијата е поделена во акција за чистење, ослободување од старата хартија во училишните дворови и поставување пунктови во општините каде граѓаните ќе може да го остават својот отпад. Општините сами треба да изберат што ќе реализираат, но главен фокус се става на чистењето отпад, рече Јовановски.
Претседателката на ДОМ и пратеничката во македонското Собрание Лилјана Поповска потсети дека чистењето е прва фаза од она што треба да се направи, а дека втора фаза е подготовка на капацитети за преработка на отпад.
– Отпадот е многу скап ресурс. Од него може да се добие биомаса за правење енергија, но може да се прават и други производи, истакна Поповска додавајќи дека во иднина треба да се развиваат акции за селекција и праработка на отпадот.
Сите оние кои би сакале да се вклучат во акцијата за чистење на 6 октомври или сакаат да превземат своја иницијатива за справување со отпадот, можат да се информираат на веб страната на Асоцијацијата (www.ajdemakedonija.mk), како и на facebook (http://www.facebook.com/LetsdoitMacedonia) и twitter (http://twitter.com/#!/AjdeMakedonija) страната на Ајде Македонија.