ДОМ бара нови заштитени подрачја за побрз развој на еко-туризмот

ДОМ предлага прогласување на нови заштитени подрачја, како на пример за Национални паркови (Шар планина, Јакупица, Осогово); Заштитени подрачја (Водно, Скопската тврдина – Кале, Гази Баба), Строги природни резервати (Тиквеш) и др; зголемување на процентот на заштитени подрачја во Република Македонија минимум до светскиот просек од 13%, а што поскоро и достигнување на зацртаното од Просторниот план на Република Македонија од заштитени и предложени подрачја од 17% и создавање на инфраструктура за развој на еко-туризмот, со јасно дефинирани критериуми, во постоечките и во ново прогласените заштитени подрачја – ова беше предложено од прес конференцијата која се одржа во пресрет на Светскиот ден на туризмот 27 септември, а на која говореше портпаролот Тони Ристов.

ДОМ како зелена партија ја изкажува неопходноста од зголемување на процентот на заштитени подрачја во Македонија.

Ова е продолжеток на постојаните напори на партијата за зачувување на животната средина и проширување на кампањата по минатогодишната кампања за заштита на преспанскиот крај и особено островот Голем Град. Кампања која вроди со плод и го заштити островот од деградација.

Несомнена е потребата од зголемување на површините кои ќе се водат како заштитени подрачја. Во моментов во Македонија процентот, според податоците од МЖСПП, изнесуваат 7,3% од територијата на државата или вкупно 74 подрачја од кои 3 (три) Национални паркови, 4 (четири) Строги природни резервати, 50 (пеесет) Споменици на природата , 3 (три) Предели со посебни природни карактеристики, 14 (четиринаесет) Одделни растителни и животински видови надвор од природните резервати.

Кога ќе ја погледнеме картата на заштитените подрачја на другите земји од регионот и Европа ќе забележиме дека Македонија процентуално има многу мал процент на заштитени подрачја. Колку за споредба Бугарија 11 %, Хрватска над 9 %, а во Европа приматот го држи Германија со над 56,2 % заштитени подрачја.

Целта на прогласувањето нови заштитени подрачја не е само зачувување на животната средина и природните ресурси и реткости, туку на тој начин се создаваат предуслови за развој на еко-турзмот и останатите алтернативни видови на туризам, за кој Македонија, како што ни е добро познато, има извонредни услови. Со овој процес ќе се подобри и квалитетот на животот не само на локалните заедници, туку на сите граѓани на Македонија.

Затоа од ДОМ предлагаме:

  • Прогласување на нови заштитени подрачја, како: Национални паркови (Шар планина, Јакупица, Осогово); Заштитено подрачје (Водно, Скопската тврдина – Кале, Гази Баба), Строг природен резерват (Тиквеш) итн.
  • Зголемување на процентот на заштитени подрачја во Република Македонија минимум до светскиот просек од 13%, а што поскоро и достигнување на зацртаното од Просторниот план на Република Македонија од заштитени и предложени подрачја од 17%.
  • Создавање на инфраструктура за развој на еко-туризмот, со јасно дефинирани критериуми, во постоечките и во ново прогласените заштитени подрачја.

Заштитените подрачја треба да бидат дел од Националните стратегии за развој на државата, бидејќи имаат посебна еколошка и културна вредност и токму таму се вкоренети и традиционалните вредности на нашата држава. Исто така значајни се за одржувањето и заштитата на биодиверзитетот. Токму затоа во ДОМ нив ги сметаме како можност за поразновидна и побогата промоција на Македонија во туристичка смисла.