Отстранување на велешките патарини 2012

Општинската организација на Демократска обнова на Македонија – Велес(ООДОМ – Велес) во насока на целосна поддршка на грѓаните од Велес и подобрување на условите за живот и застапување на интересот на граѓаните, во период кога е се поактуелен Коридорот 10, негово обновување и доградба, но и кога е се поактуелно издавање на патарините под концесија поведуваме иницијатива за отстранување на патарината на потегот Велес – Катланово и патарината Катланово – Велес, попознати како велешки патарини.

Согледувајќи ги стандардите за модерен автопат како: безбедност, брзина од 100 -130 км на час, неколку коловозни ленти, радиус на кривини и прегледност, лента за принудно запирање, соодветна ширина на банкините, вертикална и хоризонтална сигнализација, заштитна жична ограда, рамен коловоз и согледувајќи ја реалноста сметаме дека по автопатот за кој се плаќа најскапа патарина безбедноста на патниците е доведена во крајна опасност, а брзината е сведена од 20 до 60 км, што претставува далеку под сите стандарди за возење по автопат.

Велешките патарини треба да бидат целосно укинати и поради фактот на непостоење алтернативен пат од Велес до Катланово и Катланово – Велес кој што е во функција и преку кој на сите нам ќе ни се остави избор да се движиме по автопат побрзо и побезбедно и за тоа да платиме или ќе се движиме по спореден пат но бесплатно.

Друг битен момент е што некои патни делници на кои веќе со години се наплаќа патарина се изградени со обврзници за патишта од граѓаните, со инвестиции или со кредити, а кои со наплата од над 20 години веќе се вратени. Поради тоа граѓаните и стопанството треба да бидат ослободени од плаќање на патарина. Таков случај е делницата од меѓународниот „Коридор 10“ од Куманово до Велес, која нема комплетни карактеристики на автопат, иако се наплаќа патарина.

Граѓаните во Македонија имаат трикратни давачки како придонес кон патиштата кога се движат со моторни возила. Соодветен процент се одвојува при регистрација на возилото, потоа одреден процент е вграден во енергенсите што ги користат возилата и третпат граѓаните плаќаат патарина на автопатите.

Наплатните рампи се поставени на екстремно многу куси растојанија од 15 до 20 километри и предизвикуваат застој во сообраќајот. Честите застанувања пред наплатните рампи ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот, особено во услови на намалена видливост, ја зголемуваат потрошувачката на гориво, а со самото тоа влијаат и на животната средина.

Среќни сме што се интервенира во обнова на дел од автопатот од Скопје до Велес, веруваме дека ќе се случи целосна обнова и на потегот и од Велес до Катланово, зашто автопатот сега е во навистина лоша состојба, а претставува една можеби најдинамична артерија во Македонија но битна и за целиот Балкански регион.

Среќни сме што Владата на Македонија наоѓа низа мерки во корист на граѓаните на Македонија во справувањто со последиците од економската криза која ја зафаќа и Македонија, затоа веруваме дека и овој наш предлог ќе наиде на одобрување.

14-ти Септември 2012

Стевче Дечев – Претседател на ОО на ДОМ Велес