ДОМ искажува огромното задоволство од донесената одлука на Меѓународниот суд во Хаг. Оваа одлука од Хаг им дава можност на сите пријатели на Република Македонија во Европа и во светот да го променат курсот на блокада за во Европската Унија и НАТО и да ги отворат вратите за Македонија. Ова веруваме ќе биде и поттик за сите пријатели да го сторат тоа.
Претседателката Лилјана Поповска по вчера донесената одлука на Меѓународниот суд на правдата од судскиот спор помеѓу Македонија и Грција, денеска одржа прес конференција на која го искажа следното:
Во името на ДОМ да го изнесам огромното задоволство од донесената одлука на Меѓународниот суд во Хаг. Со оваа одлука ќе им се олесни на сите Македонци во светот, а и на сите граѓани во Република Македонија, затоа што сите ја споделуваме истата судбина. На човек му олеснува ако по многу години добие признание дека бил во право и дека борбата му е праведна. Чувството на правда е многу важно за секој човек, за секоја нација, но и за целиот меѓународен поредок.
Случајот со македонското име дефинитивно останува преседан во меѓународното право, од кој ќе учат идните политиколози и социолози. Оваа одлука од Хаг им дава можност на сите пријатели на Република Македонија во Европа и во светот да го променат курсот на блокада за во Европската Унија и НАТО и да ги отворат вратите за Македонија. Ова веруваме ќе биде и поттик за сите пријатели да го сторат тоа.
Македонија веќе изгради систем на европски вредности. Таа докажа дека е добар партнер и соработник. Македонија дефинитивно го заслужува ова.