Велешани мораат да ги добијат гаранциите дека тивкиот убиец „Топилницата“ нема веќе да биде закана, ниту тема за дискусија и со тоа да се обезбеди уставно загарантираното право на граѓаните за здрава животна средина. Доколку и понатаму постои закана од случајно рестартирање на Топилницата на сегашната местоположба, ОО на ДОМ – Велес и ДОМ ќе повикаат на прогласување на Велес за заштитено подрачје или ќе повикаме на локален референдум во кој граѓаните ќе донесат обврзувачка одлука за секоја власт и бизнис интерес.
Општинската организација на ДОМ од Велес искажува задоволство од обединувањето на граѓаните на Велес, предводени од Зелената Коалиција како сеграѓанско движење и градоначалникот г-н Горан Петров. Исто така, ДОМ, како досега така и одсега, останува посветен на борбата за Велес слободен од било какви загадувања и штетни влијанија по здравјето на луѓето и животната средина. Затоа ДОМ силно се залага за еколошка трансформација и за економско заживување базирано на зелената економија.
ДОМ, како досегашен активен чинител во иницијативата за спас на Велес од загадувањето на Топилницата и како зелена партија, особено ја цени широката поддршка која дојде од бизнис секторот, медиумите, Советот на Велес, лекарите, спортистите но и од другите политички партии кои успејаа да застанат во интерес на здравјето на граѓаните и зачувување на животната средина без разлика на своите економски интереси и политичка припадност.
Сакаме да го поздравиме едногласното усвојување на заклучоците на Советот на Општина Велес за промени и дополнување на Генералниот урбанистички план и иницијативите да се забрани превоз на одделни видови на опасни материјали (отпад од физичка и хемиска преработка на минерални суровини на обоени метали, отпад од металургија на олово, цинк, бакар, сребро, злато, платина и други обоени метали) кои како отпад се создаваат на територијата на Општина Велес, освен за санација и ремедијација на веќе постечките еколошки жаришта и загадени подрачја во општината.
Велешани мораат да ги добијат гаранциите дека тивкиот убиец „Топилницата“ нема веќе да биде закана, ниту тема за дискусија и со тоа да се обезбеди уставно загарантираното право на граѓаните за здрава животна средина.
Доколку и понатаму постои закана од случајно рестартирање на Топилницата на сегашната местоположба, ОО на ДОМ – Велес и ДОМ ќе повикаат на прогласување на Велес за заштитено подрачје или ќе повикаме на локален референдум во кој граѓаните ќе донесат обврзувачка одлука за секоја власт и бизнис интерес.
Велес мора да продолжи економски да се развива, но на одржлив начин. Затоа треба да се поддржат малите и средните претпријатија кои ќе ја развиваат зелената економија. Пред се тука мислиме на претпријатијата кои прво ќе работат на санирањето на состојбите од досегашното загадување, а потоа и оние претпријатија кои ќе се насочат кон производство на органска храна, развој на екотуризам, производство на сончеви колектори и тоа со основање на бизнис зона, токму на местото на топилницата во која ќе бидат вработени неколку илјади луѓе.
ОО ДОМ Велес, ќе предложи до граѓаните на Велес, до градоначалникот и Советот на Велес, да биде подигнат споменик кој ќе ја симболизира обединетоста и непопустливоста во Велешката битка за здрава животна средина.
Конечно, Ги повикуваме граѓаните на Велес и на Македонија на 9-ти ноември да се придружат и да го поддржат протестот организиран од Зелената коалиција. Излегувањето на протестот ќе биде уште една потврда дека граѓаните на Велес се за здрава животна средина и Велес без Топилница.
Иднината на Велес е зелена!