ДОМ предлага итни мерки во туризмот пред новата сезона

ДОМ го внесе туризмот во владините приоритети, со што обезбеди агенција за промоција на туризмот и субвенции за странски туристи. Како резултат на тоа Македонија ја посетија големи групи од повеќе земји како Франција, Израел, Русија, Холандија. Сепак на туризмот му треба дополнителна поддршка за да обезбеди илјадници нови работни месста и добивка за бизнисот и за државата – рече Лилјана Поповска во воведот на прес конференција.

Претседателот на комисијата за туризам при ДОМ д-р Кристијан Џамбазовски ги претстави мерките кои треба да се преземат пред почетокот на новата туристичка сезона, за Македонија да стане поконкурентна туристичка дестинација.

  1. Намалување на ДДВ при продажба на туристички пакети во Македонија од 18% на 9% за странски и за домашни посетители.
  2. Воведување на евтини кредити за туризам со камата помеѓу 2-4% со цел подобрување на квалитетот на туристичка понуда и подобрување на материјалната база на туризмот.
  3. Поедноставување на процедурите за субвенционирање на туризмот како и нивно прецизирање и коректно и недвосмислено информирње на корисниците на субвенциите.
  4. Воведување на туристичка инспекција со цел да се прекине праксата кој како сака да ја претставува Македонија.
  5. Издвојување на поголеми средства од буџетот за подостојно промовирање на Македонија како туристичка дестинација.

Зошто предлагаме да се намали ДДВ на 9%? Затоа што туризмот како извозен производ не смее да биде дискриминиран во однос на другите производи кои што се извезуваат. Туризмот не е само услуга, туку комбинација од услуги кои што претставуваат производ обединет во терминот пакет или аранжман составен од сместување , транспорт и исхрана и затоа треба да им овозможиме на македонските туроператори кои што настапуваат на меѓународниот пазар да имаат конкурентен туристички производ, тоа пред се можеме да го направиме со намалувањето на ДДВ, а со тоа Македонија да стане барана дестинација. Што се однесува до внатрешниот туризам предлагаме да се примени истата мерка, но со друг аргумент, а тоа е дека македонскиот граѓанин заслужува Македонија да му биде подостапна од другите дестинации.