Македонија има извонредни услови за користење на обновливите извори на енергија, особено онаа од сонцето, изјави на денешната трибина на ДОМ во Холидеј ин проф. д-р Уве Хартман, нуклеарен физичар и претстедател на Германското друштво за сончева енергија со седиште во Берлин. Според површината на Македонија, проф. Хартман вели дека, доколку се определиме исклучиво за сончева енергија, доволно е да се покријат само 160 км² со сончеви колектори, за да бидат задоволени вкупните потреби за енергија и со тоа земјата да се ослободи од увозната зависност на енергијата. За тоа, државата треба да обезбеди политичка, односно законска рамка за поддршка на користењето на обновливите извори.
Тој, посочувајќи ги германските искуства во користењето на обновливата енергија, рече дека за само 15 години Германија, како пионер во оваа област во европски рамки, успеала да се доближи до квотата од 20% учество на обновливата енергија во севкупното производство на енергија, што е процент што треба да го достигнат сите земји потписнички на Кјото Протоколот до 2020 година. Проекциите велат дека дотогаш Германија ќе го стаса процентот од 50% обновлива енергија.
Истовремено, како нуклеарен физичар, Проф. Хартман истакна дека од вкупното светско прооизводство на енергија, само 6% е од нуклеарните електрани и речиси во цел свет е во тек постапното затворање на нуклеарките. Тој исто така кажа дека во Врховниот суд на Германија во моментот се води процес што го покренале Германските Зелени против државата поради одлуката да се продолжи векот на неколку нуклеарки. „Проблемот со нуклеарките е пред се во нуклеарниот отпад со кој никој не може да излезе на крај. Конкретно, ние имаме случај на депонија на нуклеарен отпад во еден стар рудник во северна Германија кој пред две години почнал да истекува поради неисправност на контејнерите во кои отпадот се складира. Тој отпад сега ги загадува водите во таа област, а индикативно е дека е забележан драстичен пораст на канцерогените заболувања на населението во тој регион. Токму затоа ние, Зелените, ја покренавме судската постапка против владата и очекуваме дека ќе биде решена во наша полза“, изјави на денешната трибина на ДОМ, гостинот од Германија, проф. д-р Уве Хартман.
Со почит,
ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА
Скопје, 01.12.2010