ДОМ: Саем на зелени идеи на ДОМ

Во организација на ДОМ денеска на Плоштадот „Македонија“ се одржа Саем на зелени идеи. ДОМ, како партија на зелената опција, иницираше ваков настан за последниот ден на кампањата за Локалните избори 2009, за да им овозможи на граѓаните да ги дадат своите идеи за зелено Скопје и зелена Македонија. За таа цел на граѓаните им беше поделен флаер со место предвидено за нивни „зелени“ идеи и беа поставени зелени кутии во кои тие ги оставија своите предлози и ставови.

Во изјавата за медиумите претседателката на ДОМ Лилјана Поповска истакна дека ДОМ како партија на зелената опција во оваа кампања понуди своја Зелена програма, но сака да го слушне и мислењето на граѓаните какво Скопје сакаат и нивните идеи како да ги достави до идниот градоначалник на Скопје. На Саемот на зелени идеи граѓаните се сретнаа и со кандидатите за градоначалници на скопските општини Центар, Карпош и Ѓорче Петров, Владимир Тодоровиќ, Сашо Димиќ и Сокол Митревски, како и со кандидатот за градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски. Тој за медиумите изјави дека негов приоритет ќе биде зелено Скопје, и конкретно ќе се заложи за чистење на водите на Вардар со прочистителни станици. Тој се повика на нашата добра традиција да негуваме цветни дворови и се заложи за повеќе цветни и зелени површини во градот. Во директна комуникација со граѓаните кандидатите за градоначалници можеа да ги слушнат нивните идеи и потреби за поефикасна и пофункционална локална самоуправа.

Со почит,

ДОМ – Центар за информации и комуникации

Скопје, 3.04.2009