Без оглед како ќе одлучиме да настапиме на локалните избори 2009, самостојно или во коалиција, ДОМ сериозно се подготвува за учество не претстојните избори. Со денешното советување започнуваат внатрепартиските консултации за претстојните разговори со коалиционите партнери, беше кажано на денешната седница на Советот на ДОМ којa се одржа во проширен состав и на која беа сондирани мислењата и отпочнаа консултациите за претстојните локални и претседателски избори, кои ќе продолжат во општинските организации.
Дали ДОМ ќе оди самостојно, во коалиција или во некаква комбинација, останува да се реши во органите на партијата, откако претходно ќе разговара со коалиционите партнери. ДОМ е заинтересиран за учество на сите нивоа во власта и може да понуди кандидати за учество на изборите во Град Скопје, скопските општини и општините низ Македонија и во урбаните и во руралните средини, со советници онаму каде има свои општински организации, а тоа е речиси целата територија на Република Македонија.
Успеавме да ја одржиме видливоста во текот на овие избори во толку голема коалиција (според анкетата што IRI ја спроведе веднаш по парламентарните избори 2008, ВМРО-ДПМНЕ доби 37% доверба, а ДОМ 1%, како единствен видлив партнер во коалицијата), па нема зошто да размислуваме и да стравуваме како ќе одиме на следните избори – рече претседателката Лилјана Поповска.
Во тек се предлагања на кандидати за учество во локалната власт, се подготвува нивна обука и се изработуваат програмите со кои ДОМ ќе настапи подготвен за изборите.
ДОМ е со став дека за кандидат за претседател треба да се направи договор со коалицијата, бидејќи сметаме дека на Македонија и треба претседател со силен легитимитет и поддршка и се надеваме дека претседателските избори ќе бидат добра можност да се излезе со кандидат кој ќе добие широк легитимитет од јавноста.