ДОМ: Решавање на статусот на професионалните војници во АРМ!

Почитувани,

Денес претседателката на ДОМ и пратеник во Собранието на Република Македонија, Лилјана Поповска се сретна со делегација на Здружението на професионалните војници на АРМ, кое беше предводено од професионалниот војник Гордан Бојковски, кој е и координатор на здружението.

Ова здружение побара од Поповска таа да се заложи за решавање на нивниот работен и социјален статус, со тоа што ќе се зголеми границата за служење во професионалниот состав на АРМ од 38 години навршена старост на 45 години, кое е во согласност со стандардите на НАТО. Во разговорот беше истакнато дека со сегашната состојба, војниците од професионалниот состав на АРМ со навршени 38 години, остануваат без работа. Ваквата состојба би можела да се промени, доколку тие по оваа возраст бидат распоредени во логистичката служба на АРМ, која претставува 40% од вкупните служби на АРМ. Во разговорот беше истакнато дека зарaди ваквата законска одредба се случувало војници кои се вратиле од мировните мисии во странство да останат без работа. Здружението за оваа цел има собрано над 1600 потписи од професионалните војници. Тие истакнуваат дека на оваа возраст се сеуште работоспособни и сеуште можат да дадат придонес во Армијата, а со самото тоа и во државата. Лилјана Поповска од своја страна се заложи за решавање на нивниот работен и социјален статус пред Министерството за одбрана и другите надлежни институции по ова прашање.

Со почит,

Центар за информации и комуникации на

Демократска обнова на Македонија – ДОМ

Скопје, 25.08.2008 г.