Насер Хот: Време идно – Извештај на Министерството за туризам на РМ за 2017

Ова е футуристичка приказна, но тоа што дејствието се случува по десет години од оваа 2008, не значи дека не е можна. Токму спротивното – многупати до сега се докажало дека визијата за утрешнината е силен мотиватор на дејствувањето денес.Значи, дејствието се случува 2018 година. Место на случувањето: Министерство за туризам на Република Македонија. Ова е извештајот на Министерството за претходната, 2017 година:         

  • Република Македонија ја посетиле 6.000.000 посетители;
  • Шесте туристичко-еколошки региони во Македонија оствариле 20.000.000 ноќевања;
  • Охридско-преспанскиот регион ја заврши сезоната со сто насто исполнетост на капацитетите;
  • Сто нови археолози се вклучија во ископувањата на гробницата на Александар Македонски;
  • ЦНН и Еуроспорт ги откупија правата за снимање на маунтбајк трката „Сончев круг” околу РМ;
  • Дванаесет нови туроператори од светот учествуваа на 10-тиот Меѓународен саем за туризам во Охрид;
  • Списанието за туристичка промоција на Република Македонија НОМАД доби неколку меѓународни награди;
  • Туристичката патрола имаше само три забелешки за однесувањето на туристичките работници;
  • На Мавровското Езеро е отворен нов сместувачки капацитет – 80 куќички на вода кои можат да примат 300 гости;
  • Покрај постоечките 86, отворени се уште две еко-етно села во Република Македонија, така што сега тие вкупно можат да примат 20.000 гости;
  • Главна атракција на Историскиот фестивал во Охрид беше реконструираната кралска палата на цар Самуил која во текот на десетте дена ја посетија над 100.000 гости
  • Почнати се поготовките за отворање на слични фестивали годинава во Прилеп, Струмица, Виница и Штип.Сега морам да прекинам бидејќи ме чека претседателката на Република Македонија. И’ се јавиле од Советот на Европа со кој претседава нашата држава и сите бараат да им организираме посета на Република Македонија…Можеби ова е „само” визија. Но, ве повикувам заедно да ја оствариме и, да сме живи и здрави, во 2018 година да ми кажете дали и каде сум згрешил.

 Aвторот е претседател на комисијата за туризам на ДОМ