Македонскиот јазик столб на македонскиот идентитет

ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА 08.05.2008  

На денешната прес конференција на ДОМ, претседателката Лилјана Поповска ги повика сите граѓани на Република Македонија, политичките партии, невладините организации, како и сите Македонци во светот, да се сплотат околу одбраната на македонскиот идентитет. Да се активираат сите институции и организации во широка координирана мрежа, за конечно да се направи силно македонско лоби. Само така ќе можеме да им застанеме на пат на сите обиди за негирање на постоењето на македонскиот народ, јазик и македонската држава – потенцираше Поповска.


Сите меѓународни конвенции и целото меѓународно право е на наша страна, заедно со демократската јавност. ДОМ не случајно минатата година излезе со иницијатива за прогласување на 2008 за Година на македонскиот јазик, и задоволни сме што владата имаше слух за оваа иницијатива и таа денеска е државен проект, со премиерот Никола Груевски како покровител. 
ДОМ продолжува да води грижа за прашањата поврзани со културата, јазикот, идентитетот воопшто – рече Поповска. Тоа е еден од нашите приоритети, како дел од зелената опција. 
Соња Петрушева излезе со информации кои македонската јавност треба да ги знае, а поводот за тоа се објавените информации во врска со негирањето на придавката македонски. Одделението за информации на ООН по повод донесувањето на сеопштата декларација за човекови права од 10 декември 1948 г. Издаде информација дека оваа декларација е издадена на 70 јхазици меѓу кои и македонскиот – рече Петрушева.
Македонската историја, култура, јазик не можат да се афирмираат или оспоруваат низ политички средства на било кое ниво, од причина што тие се дел од општите цивилизациски придобивки и нив можат да ги третираат академски, научни и културни институции, дека е тоа така докажува тоа што македонскиот јазик се изучува на многу универзитети ширум светот. Создадена е македонска литература која се чита и преведува – изјави во своето обраќање д-р Илија Велев, програмски координатор на Годината на македонскиот јазик.
Иницијаторот на Годината на Македонскиот јазик, Трипун Карапетров, рече – афирмацијата и заштитата на македонскиот јазик треба да ја прошириме не на година туку на деценија на македонскиот јазик, а тоа го поткрепи со изјавата на генералниот секретар на УНЕСКО Мацура, кој пред извесен период при посетата на Македонија изјави „Ако во наредните 50 години се продолжи со ваква негрижа за македонскиот јазик, тој во овој период ќе исчезне“.