ДОМ е против изградба на нуклеарна централа во Македонија. Но, даваме силна поддршка на иницијативата за изградба на Централа на гас во Скопје и апелираме до владата и сите надлежни институции, во иднина да ги поддржат ваквите проекти. Сметаме дека тоа е високо ризичен потфат, за кој Македонија ја нема потребната техничко-технолошка култура и стручна екипираност, со кои ќе бидеме сигурни дека нашата земја ќе остане безбедна. Против сме бидејќи ова е исто како да сме си поставиле нуклеарна бомба во сопствениот дом.
Просторно Македонија е премала за изградба на нуклеарна централа и за складирање на радиоактивниот отпад кој се јавува при процесот на производство на електрична енергија. Воедно на долгорочен план една ваква инвестиција е штетна за животната средина и со негативни влијанија по здравјето на луѓето.
Македонија решението за излез од енергетската криза треба да го бара во алтернативните извори на енергија: сончевата, енергијата на ветерот, гасот, хидропотенцијалот, биогоривата, геотермалната.
Македонија и Европа мораат да бидат ослободени од заканите кои со себе ги носи нуклеарната енергија. Европа бара нови извори на енергија и за таа намена има одвоено огромни ресурси за истражување и искористување на нови видови енергија. 23.01.2008