Колумна на Радојка Дракуловска Наумовска, член на ЦО на ДОМ
Фактот дека насилството е во пораст треба да се сфати сериозно и секако да се преземат соодветни мерки за да се влијае на неговото намалување. Сите форми на насилство оставаат последици за жртвите, а токму поради тоа, но и поради сложеноста на феноменот на насилството, потребно е навремено препознавање и навремена превенција во која семејството, образованието и стручни соработници треба да бидат вклучени.
Кога станува збор за луѓето и меѓуетничката интеграција, главниот фокус е ставен на меѓуетничката интеграција во образованието, сметајќи дека така
на најпогоден начин ќе може да се постигне целта. „Но она што се случува во реалноста е се поголема етничка поделеност во образованието. Во својата изјава, дадена на 718 пленарна средба на постојаниот Совет на ОБСЕ, високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ изјавува дека „има алармантен тренд на раздвојување по етничка линија“. Според него, ова раздвојување во одредени случаи резултира дури и со насилство“.
Луѓето кои изразуваат склоност кон екстремизам најчесто се поврзани со одредени групи со националистичка конотација, организации или движења за заштита на одредени права и навивачки групи. Значи, луѓето по природа се идентификуваат од една страна со етно-религиозните групи, а од друга со референтните групи со кои можат да се ориентираат во различни насоки. Односот кон етничкиот идентитет, кој може да биде и сидро и цел на екстремизмот, укажува на неговата важност во профилирањето на социјалните интеракции. Зад ова стојат некои основни принципи поврзани со теоријата на социјалниот идентитет и меѓугрупните односи. Луѓето го организираат својот социјален свет врз основа на категоризирање на појавите во посебни категории на кои често им се припишуваат атрибутите на „ние“ и „нив“. Еден од ефектите на категоризацијата е намалувањето воочување на разликите во рамките на категориите и нагласување на разликите меѓу категориите (принцип на меѓугрупно нагласување). Постојат позитивни чувства кон членовите на сопствената група (принцип на фаворизирање внатре во групата), но и меѓугрупни споредби и ривалство со други групи кои можат да прераснат во несоработка, предрасуди, нетолеранција и конфликти. Овој ефект е уште поизразен ако историјата на меѓугрупните односи е заситена со чести конфликти и војни, што за жал е случај и во Македонија и на Балканот.
Во ситуации кога има претходна историја на меѓугрупни конфликтни односи и колективен страв, потребата да се гледаме „себеси“ како подобри од „нив“ многу лесно ескалира во екстремни форми на идентификација и групно однесување. Овој вид на опкружување води кон нетолеранција, бидејќи постои континуирано ривалство и борба за превласт меѓу спорните групи, на политички, економски, верски, полови, територијално и ниво на население.
Може да наведувеме дека етничката припадност, како можен фактор на ризик за насилство од врсници, добива помалку внимание во истражувањето во споредба со другите варијабли. Различни студии покажуват дека постојат разлики во зачестеноста на насилството од врсници во однос на етничкото потекло и културата.
Повеќето истражувања покажуваат дека зачестеноста на физичко, вербално, релациско и сексуално насилство варира во зависност од етничкото потекло. Но се повеќе се гледа дека расистичкото именување и навредување не е поврзано само со физичките и етничките разлики како бојата на кожата, туку и со културните карактеристики поврзани со религиозните верувања, обичаите и традициите. Културното насилство подразбира чести навреди и намерна дискриминација на национална, културна, верска, регионална или расна основа. Ваквата ситуација, води кон меѓугенерациска културна дисонанца/раздор во семејството од една страна и доживување непријатност од страна на врсниците од друга страна, а фрустрации и проблеми се јавуваат и во двете средини.
Не постои магичен рецепт за спречување на културниот екстремизам. Сигурно е дека пообјективно разбирање на причините за екстремното однесување на лушето помага во дефинирање на превентивни мерки кои би имале повеќе смисла, цели и резултати. Еден од предусловите е да живееме во просперитетно и праведно општество, но тешко дека можеме да влијаеме на тоа. Исто така, не е едноставно имплементирање на мерки кои би ја попречиле суптилната поддршка на некои екстремистички струи во јавниот говор, било од медиумите или политичари кои понекогаш флертуваат со екстремистите на кои им припаѓаат нивниот политички или етнички корпус.
Комбинацијата на лошата економска состојба во општеството, корупција и непотизам, изразена етничка и политичка категоризација која придружени со чувство на загрозување од други етнички групи, веројатно се главните причини зошто повеќето луѓе не се задоволни и резултираат со конфликтно однесување. Мора да се работи на промена на општеството во кое живееме и сметам дека е неопходно да се направат некои радикални промени и тоа уште од најрана возраст преку обазовниот систем. Бидејќи е една од главните предиспозиции за развој на екстремизам, не е чудно што повеќето млади покажуваат одредени екстремистички ставови и веќе сме во ризична зона. Затоа што се силни етно-религиските идентификациски карактеристики на мнозинството млади, основа на екстремистичките идеи и затоа е неопходно во општеството пред се главно преку образовните институции да се развиваат програми кои ќе придонесат до создавање безбедна средина која ќе поттикне критичко размислување и индивидуалност, развој на толеранција кон другите општествени групи и фокусирање на здрав начин на живот.