
Живееме во време на големи геополитички и општествено–безбедносни предизвици, кои навестуваат можна промена на постоечкиот светски поредок и на меѓународниот концепт на влијание. Живееме во време на интензивно партиски–популистички пресметки со доза на неизвесност и постојан грч.
Но, тоа што ме предизвика да го напишам текстов, се оние мали нешта, оние кои секојдневно ги гледаме, ги живееме и ги доживуваме. За оние ситни, нематеријално мерливи детали, кои се навикнавме да ги прифаќаме, но кои, секако, прават голема разлика.
Се навикнавме секојдневно да сведочиме како автомобили поминуваат на жолто-црвено или црвено светло, особено изразено во некои од скопските раскрсници и улици. Се навикнавме, на пешачки премин предност да имаат возилата, а пешакот трпеливо да чека.
Се навикнавме дека на таканаречената „Пластичарска улица“ сообраќаен ред и фискална сметка едноставно нема.
Се навикнавме на тоа што по улици, тротоари, паркови и плоштади гледаме и среќаваме напуштени, болни и сакати улични животни на кои местото не им е таму, а сепак, не по нивен избор, се нашле токму каде што не треба.
Расфрланиот смет е веќе редовен декор во градовите, на кој очите и соодветните емоции ни се навикнати, а за малите и диви депонии кои како плевел никнат, навикнавме да слушаме само пресметки и префрлање меѓу надлежните институции и различни организации.
Ретко кога на шалтер, ќе наидеме на љубезно или службеник кој веднаш ќе реагира и ќе се фокусира врз она што ние го бараме и врз професионалната работа своја.
На познатиот повик и реплика за одговорност на институциите што ја имаат, не знам дали сè уште некој верува, па дури и оние кои на истата одговорност повикуваат. А всушност тоа сме ние, луѓето кои дневно за процесите одговараме и плата земаме.
Листата на навидум не толку значајни и важни работи на кои со текот на годините, овде во нашево општество се навикнавме или навикнуваме да ги живееме е мошне долга.
Во исто време мечтаеме и посакуваме за општество и земја каде сето горенаведено беспрекорно функционира и нам, тука, да ни се случува.
Не дека за тоа само некаде сме прочитале или виделе на филм, туку затоа што многу од нас прошетале во други земји и со свои очи виделе, меѓу кои и тие, меѓу кои и тие што отпадот и отпушоците ги фрлаат, но и плукачите, пешаците и возачите.
Убедена сум дека надвор, во туѓите земји на овие мали детали секој од нас внимава и не ги прекршува општите правила.
Па сега се прашувам: дали туѓината е поважна од нашата татковина и нашето дома?
Дали се луѓето таму некаде, од нас попаметни или повредни? Што е тоа што нив, а и нас кога сме во туѓина, свесноста ни ја зголемува?
Кој и што за нас е доволно силен мотив, да ни го заврти умот, па општото заедничко добро да биде и индивидуално?
Дали и како актуелното прашање за уставните промени и конечната разрешница, дали ќе има или нема уставни промени, ќе помогне за подобрување и унапредување на колективната свест кај поединецот?
Дали имаме агенда или сме само мрзливи и заробени во сопствените навики и туѓата грижа? Можеме ли тука, на ова парче земја да направиме промена и исчекор кон поубаво општество?
Ова се дел од прашањата на кои секој ден барам одговор, а во потрагата верувам не сум сама.
Можеби, во скоро време или барем до следните избори, било да се редовни или предвремени, решението ќе следи или повторно, ќе чекаме некој друг секојдневните проблеми и навики за нас да ги реши, кога знаеме дека од нас зависи.
м-р Елисавета Марковиќ