Веќе три години, на предлог на зелената партија ДОМ во Македонија со закон е забранет увоз на отпад за горење. Граѓаните се сомневаат дека и покрај законската забрана, увезен отпад се користи како енергенс. Во интерес на објективно информирање на јавноста, на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, како и во интерес на почитување на принципот на владеење на правото, потребно е надлежните институции; државниот, градскиот и општинските инспекторати за животна средина и Царинската управа да извршат контроли и транспарентно да ја информираат јавноста дали во Македонија се гори увезен отпад.
Сите го дишиме загадениот воздух и тоа е нешто што трае, а никако да видиме нешто да се прави во врска со тоа. Тоа е редовна зимска тема, кога потоа паѓа во заборав до следната зима, вели Маја Морачанин, пратеничка и претседателка на ДОМ, во емисијата СТУДИО 10 на ТВ24.
-Магла е вообичаено да има во котлините каде се задржува и загадувањето. Но, зимава е премногу топла што е резултат на климатските промени, вели Морачанин.
Морачанин вели дека не знае од каде им се информациите на Зелен хуман град дека се увезува загадувачки отпад, но постои закон кој забранува отпад кој се користи за горење, а ако нешто такво се случува тоа е сериозно законско прекршување.
-Отпад може да се увезува за рециклажа, но забрането е да се користи како енергенс. Најдобар начин да се утврди што е проблемот е сите инспектори за животна средина да излезат на терен и да направат увид, вели Морачанин.
Морачанин потврдува дека загадување има, а маглата само придонесува загадувањето да се задржи во котлините. Загадувањето доаѓа и од затоплувањето со дрва и мазут. Втор фактор е загадување што доаѓа од индустријата и сообраќајот. Потоа тука се градежништвото и третманот на отпадот. Таа вели дека за ефикасна борба против загадување треба да се дејствува на сите извори на загадување.
-Ние можеме да шпекулираме, но мора да се докаже од каде доаѓа ова загадување. Од големите загадувачи сега работи само Цементарница „Усје“, но тие прават мерења кои се во рамки на дозволеното и е направена вонредна инспекциска контрола која го потврдува тоа, вели Морачанин.
Таа насочува контрола да се направи и кај малите бизниси, на пример дека има согорување на отпадно масло и остатоци од работата во мали компании за обработка на дрво.
-Познато ми е мислењето на луѓето дека навечер и за време на викенди се испушта нешто што загадува, дека навечер индустријата ги исклучува филтрите и така натаму, но треба да се спроведува 24 часовен мониторинг. Добро е што Владата прифати топланите наместо на мазут да продолжат да работат на гас во интерес на здравјето на граѓаните, вели Морачанин.
Таа посочува дека имаме добри закони, но не се применуваат доследно. Индустријата мора да биде надвор од населени места и мора да се донесе закон за индустриски емисии.
Регионот на Западен Балкан е екстремно загаден и убедена сум дека некој заработува од тоа и тоа не е само со загадувањето на воздухот, туку и со ископите на песок со што се загадуваат водите, вели Морачанин.
Морачанин потсетува дека аерозагадувањето е причина за прерана смрт на 1.300 луѓе годишно, а штетите од боледувањата и болестите се огромни. Морачанин препорачува тие средства однапред да се вложат во подобрување на животната средина со што ќе се подобри благосостојбата на граѓаните.