Морачанин за МИА: Ќе бараме закон за формирање енергетски задруги

maja morachani dom 1 660x500 1

Партијата ДОМ во следниот период ќе промовира и ќе бара усвојување законско решение со кое ќе се овозможи енергетска демократија, односно формирање енергетски задруги или кооперативи по модели што се прифатени во некои европски земји како Германија и Данска. Претседателката на партијата и пратеничка Маја Морачанин во интервју за МИА истакнува дека граѓаните и компаниите треба да ги ползуваат Сонцето и ветерот што ќе влијае позитивно на нивниот буџет.

-Ние веќе сме во контакт со зелените од таму за да ги прилагодиме решенијата за наши услови, бидејќи нас ни е идејата, да, во Македонија да се произведува електрична енергија од Сонце и од ветер, но тоа да не биде само за бенефит на големите бизниси и компании, туку ние сите како граѓани да имаме бенефит од она што природата тука ни го дала, а Сонце имаме во изобилство. Така што, тоа секако ќе влијае позитивно и на буџетот на секое домаќинство, а ќе биде и во интерес на фирмите, вели Морачанин.

Претседателката на ДОМ бара да се овозможи топланите во Скопје зимава да работат само на гас за да не се дозволи градот, кој и онака е на листата на загадени градови, да биде уште позагаден, а граѓаните да се соочуваат со здравствени проблеми.

Во интервјуто за МИА, Морачанин, чија партија е дел од владината коалиција, кажува дека тие се уште не се информирани за разговорите на премиерот Димитар Ковачевски со Алијанса на Албанците за влез во Владата, дека остануваат на истиот став за уставните измени освен други народи да нема други прашања за менување на Уставот, како и дека сега не е време за парламентарни избори.

Морачанин зборува и за негативните забелешки за политичкиот дијалог и за состојбата во Парламентот и потенцира дека сите пратеници треба да се одважат и да работат во интерес на граѓаните.

-Тоа мора да произлезе од дејствувањето на пратениците и на пратеничките групи, сите да се одважиме и да работиме во интерес на граѓаните, да ги оставиме овие партиски дневно политички игри настрана, бидејќи како што спомнав, граѓаните тоа го очекуваат и тоа го бараат. Ова што во изминатиов период се случува во Собранието, таков начин на дискусија со лични етикетирања, со навреди, дури со говор на омраза, и тоа е нотирано, еве да се поврзам на Извештајот на ЕК, нотирано е дека политичари употребуваат дискриминирачки говор на омраза кон ЛГБТ и луѓето. Тоа е недозоволиво, а сите зборуваме за човекови права, за европеизација на општеството, за демократија итн, рече Морачанин.

Ние како политичари, додава таа, придонесуваме за оваа состојба и главната одговорност јас ја гледам кај политиачрите.

-И потоа тоа се пренесува преку медиумите, нормално изјавите одат, стигнуваат до граѓаните и предизвикуваат уште поголема поларизација и недоверба на граѓаните во институциите во крајна линија. И потоа се чудиме зошто граѓаните не им веруваат на институциите, потенцира претседателката на ДОМ.

Пред неколку дена бевте повторно избрана за претседателка на ДОМ. Ќе се менува ли нешто во партијата или останувате на досегашните постулати и организација?

Да, по вторпат бев избрана на петиот Конгрес на ДОМ, кој еве пред два дена се одржа во Скопје. Она што планираме и во следниот период да го работиме, ние знаете секогаш најмногу обрнуваме внимание на програмските приоритети. За нас е многу важно што ние сакаме да постигнеме во следниот период, и рековме дека во следните четири години ќе се фокусираме на практично четири столба. Првиот, е се разбира е заштитата на животната средина и климата, она што е базично како наш програмски приоритет. Второ е, унапредување на човековите права. Третиот столб е борба против корупција и организиран криминал и четвртиот е рамномерен регионален развој и децентрализација. Значи тоа се отприлика четирите главни теми на кои сакаме да се фокусираме во следниот период. Мене ми е драго што и во изминатиот период сме успеале голем дел од нашите програмски приоритети да реализираме, и тоа го видовме и во Извештајот кој го презентиравме на Конгресот, но се разбира има уште многу да се работи така што, тоа ќе биде фокусот на ДОМ во следниот период. Во однос на внатрешната организација во партијата, ние во минатиот период бевме фокусирани многу на зајакнување и на младинската организација на ДОМ, и тоа останува еден од клучните приоритети и за следниот период, затоа што треба да се подготвуваат кадри коишто ќе бидат лидери во следниот период на зелената партија ДОМ и се разбира зајакнување на општинските организации, оти тоа е она што е препознатливо за зелените. Ние сме секогаш во близок контакт со граѓаните, со граѓанските здруженија така што, тоа е нашата база основа на делување и на тоа ќе работиме во следниот период. Се разбира остануваме поосветени на соработката со европските зелени и од ЕУ, сестринските партии, но и од регионот. Ние сме многу активни во тоа регионално делување на зелената балканска мрежа. Тоа е многу значајно за нас сите, не само заради искуствата што можеме да ги добиеме од нашите колеги од ЕУ во однос и на програмите и на заложбите, но и на искуствата веќе коишто веќе тие ги поминале, така што, да не ги повторуваме истите грешки и побрзо да овозможиме регионот да се движи напред. Се разбира тука е и нивната огромна искрена поддршка за целиот регион на Западен Балкан за пристапување во ЕУ.

Политиката на зелената партија ДОМ не треба да се врзува само со еколошки теми и климата, туку и со почитувањето на човековите права, социјалните права, недискриминацијата, како и со политиките за развој на зелената економија. Ќе бидете ли повидливи на овие теми што ги најавувате?

Впечатокот е во Македонија дека кога зборуваме за зелена идеологија, зелени вредности, дека тоа се однесува само на еколошките проблеми, животната средина, па еве сега малку има и поголема свест и за климатските промени. Но всушност зелената идеологија е еден многу широк комплексен, би рекла, има опфат на вредности. И подеднакво се важни и демократијата, и човековите права, и социјалната правда, и борбата против корупцијата, владеењето на правото, како и заштитата на животната средина и климата. Но веројатно бидејќи еве кај нас можеби не е толку многу позната таа зелена иедологија се уште нема добро разбирање дека не е само животната средина и климата она за што зелените се залагаат. Апсолутно, апсолутно насекаде поденакво се важни сите овие теми, како и животната средина и климата. И ние така и сме делувале до сега. Вие знаете јас сум координаторка на неформалната пратеничка група во Собранието за унапредување на правата на ЛГБТ луѓето. Таа група, практично за првпат ја оформивме 2018 година, заедно со граѓанските здруженија коишто работат на оваа проблематика, и еве сега повторно се возобнови, функционира групата, значи во континуитет веќе овие пет години. Мене ми е драго што на пример тоа е единствена група во Собранието во целиот регион. Во другите Парламенти немаат вакви групи за правата на ЛГБТ луѓето. Така што, тоа е еве еден придонес на ДОМ во оваа сфера на почитување на човековите права, се разбира правата на жените, родовата еднаквост знаете дека ДОМ и јас како пратеничка сме многу активни на ова поле. Јас сум член и на претседателството на Клубот на пратенички. Мислам дека таму навистина успеавме да постигнеме добри резултати и со усвојување на Законот за заштита и спречување од дискриминација, формирање на комисија, професионална за заштита од дискриминација и со усвојувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. И тука навистина Клубот на пратенички одигра клучна улога. За мене тоа е пример во Собранието како треба да тече една процедура и усвојување на законски решенија, бидејќи тука имавме консензус помеѓу пратеничките од сите политички партии. Се усвоија и амандмани, имаше и јавна расправа и беше со огромно мнозинство усвоен законот.

Во овој контекст дали ќе поднесете амандмани на измените и дополнувањата на Кривичниот законик, каде што се третираат прашања поврзани со Истанбулската конвенција и очекувате ли тој да биде донесен со консензус во Собранието, како што тоа беше во првото читање?

Да, ќе поднесеме амандмани бидејќи ние за Комисијата за еднакви можности, јас сум таму член, и Клубот на пратенички заедно, имавме јавна расправа по однос на тоа, ми се чини пред една година беше, по однос на Предлог-законот за Кривичниот законик, и тогаш ги повикавме граѓанските здруженија коишто работат нели особено што се однесува на темите на правата на жените. И дојдовме до заклучок дека има простор да се подобри овој Предлог-закон со дополнителни амандмани, се во насока на уште поголемо зајакнување на третманот, би рекла, и борбата против насилството врз жените и семејното насилство со дефинирање и на други термини и зајакнување и посеопфатен третман на борбата против насилството врз жените и семејното насилство. Така што, во следниот период Законот, бидејќи помина едногласно без против од некоја група во Собранието, очекувам дека исто така и ќе се усвои и се разбира овие забелешки од новинарите итн. треба да бидат внесени во Кривичниот законик, и очекувам да има консензус по тоа прашање.

Се најавуваат промени во владината коалиција со разговорите со АА за влез во Владата. Очекувате ли зајакнување на позициите на власта во однос на можноста за отпочнување на процесот на уставни измени?

Јас немам информации околу ова прашање за влегување на Алијанса за Албанците во Владата, бидејќи со премиерот не сме разговарале на оваа тема, и она што тој го најави, чинам пред неколку дена дека во следниот период ќе бидеме повикани за да бидеме информирани за што станува збор. Така што, да почекаме, да видиме која е идејата. Ова што вие прашувате зајакнување на позициите во однос на евроинтеграцијата, мислам дека Алијанса за Албанците е тука јасна по тоа прашање, дека секако би ги поддржале уставните измени. Но, пак ќе речам, да видам што се предвидувањата, до каде се тие разговори, и што е целта што треба да се постигне со вклучување на уште една партија во Владата.

Останувате ли на вашиот став за уставни измени?

Јас и тогаш го кажав јавно ставот, и сметам дека е добро да се биде фокусиран само на овој дел од уставните измени коишто се однесуваат на внесување на делови од народите, бугарскиот нели народ, Хрватите и Црногорците, и можеби еве се слуша и за еврејските граѓани, и околу тоа нема никаква дилема за нас да бидат внесени во Преамбулата. И мислам дека само така може да се обезбеди консензус и процесот да тече во една би рекла поконструктивна атмосфера, иако опозицијата дефинитивно се уште стои на ставот дека се строго против уставните измени, а знаеме дека без нив нема 80 пратеници коишто се потребни. Зошто мислам дека не треба други прашања да се отвораат, бидејќи знаете кога се отвора Уставот вообичаено има и други барања за промени на Уставот, и тоа е легитимно, не е ништо спорно, но мислам дека, оти слушнавме дека и други најави, не е само за 20 проценти, па други дали бил доводомен Парламентот, имав и такви прашања и од новинари кои слушнале нешто, па да се укине Бадентер правилото, па за внесување нешто мислам имаше и за СПЦ, и така се отвораат многу теми. Ако толку широки измени има на Уставот во овој период кога и така е кревка целата состојба, мислам дека процесот ќе се разводни и секогаш некој ќе биде против некој друг предлог и нема да може да се обезбеди мнозинството. И мислам дека треба сега затоа јасно да се оди само со овие уставни измени, бидејќи сите овие партии сме се декларирале дека сме проевропски и дека сакаме Македонија да стане членка на ЕУ. И сите знаеме дека ова е услов за да продлжат преговорите, за да почнеме да ги отвораме поглавјата. Значи тоа е целта. Мислам дека треба да останеме фокусирани на таа цел без внесување на партиските вака рејтинзи во игра и дневна политика.Да го гледаме државниот интерес и интересот на граѓаните.

СДСМ и ДУИ се на ставот парламентарните избори да се случат во 2024 година, додека ВМРО-ДПМНЕ инсистира на брзи предвремени парламентарни избори на пролет. Може ли предвремни избори да помогнат за полесно надминување на предизвиците од економската и енергетската криза?

Јас мислам дека оваа тема е актуелна подолго од една година за предвремени избори. Би рекла дека опозицијата практично многу брзо после парламентарните избори во 2020 започна со оваа агенда за предвремени парламентарни избори што особено се засили после локалните избори минатата година. Така што, темата е постојано присутна во јавноста и јас во неколку наврати сум зборувала на оваа тема. За ДОМ ставот е дека ние сметаме дека сега не се потребни предвремени парламентарни избори и дека фокусот треба на сите политички чинители, без разлика дали се дел од позиција, или опозиција да биде врз она што значи надминување на предизвиците со енергетската, со економската криза, и реализирање на потребите и барањата од граѓаните, затоа што, јас за тоа зборував и во моето обраќање на Конгресот, граѓаните се разочарани, бидејќи доминира во јавниот дискурс партиската реторика и дневната политика на различни политички чинители коишто се водат од моменталниот рејтинг и од она што би значело тоа за партискиот интерес, избори, резултати итн. Дефинитивно тоа не е интересот на граѓаните. Граѓаните се соочуваат со реални проблеми секојдневно, и бараат и затоа не избрале за да ги решаваме проблемите, не не избрале за тоа дали ДОМ на следните избори ќе има подобар резултат или не. Тоа ќе го кажат потоа на изборите. Но сега особено во моменти на ваква економска и енергетска криза, фокусот треба да биде, според мене, исклучиво во интерес на граѓаните. А оваа реторика која што е навистина на многу ниско ниво на политичка култура, јас за тоа често зборувам и во Собранието, и тоа беше за жал спомнато во Извештајот на ЕК за работата на Собранието, таа се рефлектира не само во Собранието, туку гледаме и во советите, и во другите институции и генерално, во целото македонско општество. И тоа допринесува за уште поголема поларизација кај граѓаните. И затоа и да се надовразам и за ова што претходно ме прашувавте, не треба да отвораме дополнителни теми коишто се непотребни во моментот кои дополнително ќе ствараат уште поголема поларизација и поделеност и помеѓу политичките и помеѓу општествените чинители генерално во општеството. Ние мора да се обединиме заедно за некои клучни стратешки цели коишто ни се заеднички и за сите и за кои граѓаните се гласни дека сакаат да бидат слушнати, и да бидат реализирани, а не да биде целиот дискурс во интерес само на она што партиите мислат дека за нив е пополезно во одреден политички момент.

Кога зборуваме за потребите на граѓаните, имајќи ја предвид економската криза постои можност топланите во Скопје зимава да не работат на гас што дополнително ќе го загади градот, којшто и онака се наоѓа на листата на најзагадени градови. Каков е вашиот став по ова прашање, дали сте разговарале во коалицијата за ова?

Состојбата е тешка и затоа велам ова се прашањата коишто се од интерес за граѓаните. Јас за тоа зборував не само во коалицијата, туку и на лидерската средба која што ја организираше премиерот Ковачевски со сите претседатели на политичките партии во Парламентот и го истакнав ова прашање односно барање дека без разлика на цената на гасот, бидејќи состојбата е дека еве гас може да се снабди само како таа цена оди на берзите и што е поисплатливо, нашиот став како ДОМ и наше барање беше да се продолжи работата на топланите во Скопје на гас, да не се префрлуваат на дизел или на мазут како коишто навистина многу загадуваат и тоа се рефлектира дефинитивно многу на загадувањето на воздухот во Скопје. Тоа беше барањето коешто го актуелизирав таму и мислам и истото го имаше и министерот за животна средина, и со него разговаравме. Така што, тоа е ставот којшто ние го наметнавме и ќе инсистираме тоа да се испочитува без разлика на цената. Дури и да биде поскапо затоплувањето со гас, во интерес на здравјето на граѓаните, да продолжат топланите да работат на гас.

Очекувате топланите да работат на гас?

Да очекувам тоа да бидејќи немаше диксусија можеби јас бев единствената што отвори некои други прашања што беа надвор од оваа тема на евронтеграциски процес затоа што сметам дека е многу важно за граѓаните. И да потрошиме некој денар повеќе сега за гас, ќе биде многу поисплатливо отколку потоа да се лечат пациентите ако веќе само екномскииот аспект се гледа. Конкретни дискусии по ова прашање немаше, но беше нотирано. Исто така и министерот инсистира на ова и Министерството за животна средина и Владата мислам ќе постапи во таа насока така што очекувам топланите да продолжат да работат на гас. Никој не може да предвиди со војната во Украина и како ќе се развиваат тие состојби ако нема воопшто снабдување со гас, но не очекувам тоа да се случи по сите најави што ги добиваме, што ги слушаме дека сепак ќе има снабдување со гас. А во однос на цената реков, нека биде и поскапо, но да ги заштитиме граѓаните. И тоа не е само за градот Скопје, бидејќи во градот Скопје секојдневно гравитираат многу луѓе кои заради образование, заради работа и.т.н. така што голем број на наши граѓани од Македонија се подложни на загадувањето на воздухот во Скопје.

Парламентот се наоѓа во една специфична ситуација имајќи ги предвид негативните оценки за политичкиот дијалог. После извештајот има некои видливи промени, но генералната слика не е променета. Што според вас е излез од оваа ситуација?

Малку ја почнавме оваа тема и претходно со претходното ваше прашање. Тоа мора да произлезе од дејствувањето на пратениците и на пратеничките групи, сите да се одважиме и да работиме во интерес на граѓаните, да ги оставиме овие партиски дневно политички игри настрана, бидејќи како што спомнав, граѓаните тоа го очекуваат и тоа го бараат. Ова што во изминатиов период се случува во Собранието, таков начин на дискусија со лични етикетирања, со навреди, дури со говор на омраза, и тоа е нотирано, еве да се поврзам на Извештајот на ЕК, нотирано е дека политичари употребуваат дискриминирачки говор на омраза кон ЛГБТ и луѓето. Тоа е недозоволиво, а сите зборуваме за човекови права, за европеизација на општеството, за демократија итн. Јас тоа го зборував и на Конгресот, ние треба да сме искрени и да кажеме дека ние како политичари придонесуваме за оваа состојба и главната одговорност јас ја гледам кај политиачрите. И потоа тоа се пренесува преку медиумите нормално изјавите одат, стигнуваат до граѓаните, и предизвикуваат уште поголема поларизација и недоверба на граѓаните во институциите во крајна линија. И потоа се чудиме зошто граѓаните не им веруваат на институциите.

Дали сметате дека улогата на доминатните партии во нашето Собрание, коишто се доминантни партии и во нашето општество треба да се промени?

Мислам да дека треба да се менуваат и овие односи меѓусебни, но веројатно и внатрепартиски и тоа е нешто што се менува, демократијата е процес. Мислам дека тој процес Жан Моне е добар начин оти ние треба да се научиме малку повеќе да комуницираме меѓусебно, да имаме не само почит, туку и доверба едни кон други. Мојот впечаток е дека едноставно политичките чинители од двете страни немаат доверба меѓусебе. И тоа не е начин како вие можете во која било сфера, па дури и во политиката да функционирате и да испорачувате резултати. Тој процес Жан Моне, јас не сум вклучена, нели од големите партии се таму, трае веќе две – три години, нели со посредство на европратеници итн. и во одреден момент имаше некои информации дека има некој прогрес и дека може да се затворат некои прашања за кои еве има различни ставови што е нормално, различни политички партии, различни ставови. Но потоа повторно некако се врати целата таа состојба на почеток и еве се уште нема резултат од тој процес Жан Моне, иако, еве, повторно и пак е спомнато во Извештајот да се реафирмира, да продолжи процесот на комуникација. Ние сме упатени да комуницираме и да соработуваме едни до други. Вака ако се довикуваме од две планини, сигурно нема да има решение.

Кои се законите што треба да се донесат поскоро од страна на Парламентот, според вас?

Тој пакет за помош на граѓаните кој еве за Владата зборуваше подетално околу тоа, се разбира тоа важно и така треба да се продолжи. Мора да им дадеме поддршка на граѓаните во овие тешки времиња и на малите претпријатија кои се разбира им е исто така тешко да опстанат во вакви услови особено во делот нели на цените на енергенсите на електричната енергија. Ние имаме би рекла посуштинско решение, ама тоа е на средни и подолги стази, и жалам што еве претходно не беа испочитувани и посериозно би рекла разбрани овие пораки коишто ние ги праќавме за преминот од фосилни кон обновливи извори на енергија, за масовно искористување на сонцето и ветерот во Македонија, за производство на електрична енергија. Тогаш тоа се гледаше само во контекс на заштита на животната средина и климата, и некако не беше интересно веројатно за другите политички партии тоа прашање. Но сега кога гледаме дека енергијата е веќе и не само прашање за животната средина и економијата, туку и безбедносно прашање, сега еве во овие услови се актуелизира оваа тема. Мене ми е драго, се разбира што и ние придонесовме како ДОМ. Знаете дека нашите барања практично минатата година ова време кога преговаравме за програмата на новата Влада, едно од барањата на ДОМ беше токму тоа – да се поедностават законските и подзаконските процедури за да може да се поедностави и местењето на соларни панели за да можат, и граѓаните, и фирмите побрзо да поставуваат фотоволтаици и да станат не само потрошувачи, туку и производители на електрична енергија. Еден дел од тоа се реализираше во овој период, но има уште многу за работа. Она што ќе ни биде нас фокус во следниот период во овој дел, бидејќи тоа ни останува тема енерегетиката, обновливите извори на енергијата и енергетската ефикасност, тоа е поле на кое што многу треба да работиме, изолација на објекти итн., дека ќе го промовираме и ќе бараме усвојување на законско решение со кој ќе се овозможи практично таа енергетска демократија односно формирање на енергетски задруги, енергетски коперативи. Такви модели има и во други европски држави, во Германија, во Данска. Ние веќе сме во контакт со зелените од таму за да ги прилагодиме решенијата за наши услови, бидејќи нас ни е идејата да, во Македонија да се произведува електрична енергија од сонце и од ветер, но тоа да не биде само за бенефит на големите бизниси и компании, туку ние сите како граѓани да имаме бенефит од она што природата тука ни го дала, а сонце имаме во изобилство. Така што, тоа секако ќе влијае позитивно и на буџетот на секое домаќинство, а ќе биде и во интерес на фирмите. Така што тоа е еден дел од она што сакаме во следниот период да го реализираме. Во однос на активности во Собранието, сега е дебатата за Буџет, така што тоа ќе биде актуелно.

Имате ли поднесено амандмани?

Јас заедно со други колешки би рекла, бидејќи со нив дискутиравме, поднесовме амандмани во однос на зголемување на Буџетот за превентивните програми, за здравствена заштита за мајки и деца и за ХИВ сида.Тие се програми коишто одат од Министерството за здравство и се превентивни програми. Има и други, но овие се два за кои интервениравме со амандман со зголемен буџет. Зошто. Затоа што овие средства коишто се намалени во Буџетот ги користат граѓански здруженија коишто единствено нудат таков тип на превентивна здравствена заштита за граѓаните особено и за маргинализираните групи граѓани коишто практично се надвор од нашиот здравствен систем. Или поради тоа што немааат здравствено осигурување или бидејќи не се чувствуваат безбедни и се чувствуваат дискриминирани ако се појават во нашиот систем здравствен, во јавното здравство. Затоа велам, единствен начин тие ранливи категории граѓани да добијат основни здравствено-заштитни услуги се преку ова дејствување на граѓанските здруженија и тоа се програми коишто со години наназад се практикуваат и покажале резултат. И тоа секако е и барање од СЗО, укажување, да не кажам барање, тоа се принципите како треба да се дејствува, бидејќи во здравството како и во се друго, секој денар вложен во превенција многукратно се исплаќа отколку потоа да давате многу многу повеќе пари во лекување, во третман на пациентите. Така што, не само заради тоа што е добро за здравјето на луѓето, оти на овој начин особено со тестирања, превенција за ХИВ/Сида што ги работат или за заштита на мајки и деца, за бремените жени да имаат бесплатни прегледи и ако не се здравствено осигурани, и бесплатно породување и ако не се здравствено осигурани, тоа практично не само што го штити здравјето, туку и животот на луѓето и дополнително ако правиме економска пресметка секогаш е многу поисплатливо да вложите во превенција отколку во третман.

Новинар Елизабета Велјановска Најдеска

Снимател Аслан Вишко

МИА