Актуелната политичка сцена во светло на претстојниот состанок на врвот на ЕУ, францускиот предлог, како и случувањата на внатрешен план, функционирањето на Собранието, беа повод да поразговараме со претседателката на ДОМ, Маја Морачанин. Според неа, а врз основа на , како што вели, информациите од медиумите, францускиот предлог не е прифатливо решение зашто не нуди можност за почнување на преговори со ЕУ. Таа е на став дека нема потреба од предвремени избори сега и повика на одговорно и конструктивно однесување од сите политички чинители. Со Морачанин разговаравме и за правата на ЛГБТИ-луѓето и за носечкиот предзнак на партијата, зелената агенда.
НоваТВ: Кон крајот на неделава е Самитот на ЕУ. Францускиот предлог горе-долу е познат. Кој е вашиот став како ДОМ, дали е тој добра основа за надминување на спорот?
Врз основа на информациите од медиумите за т.н. француски предлог, сметам дека тој не е прифатливо решение и не нуди можност за конечно, по 17 години кандидатски статус, започнување на преговорите со ЕУ. Останувам на ставот дека отворените прашања со Бугарија треба билатерално да ги решаваме и тие не треба да бидат причина за блокирање на македонските евроинтеграциски процеси. Секако, македонскиот јазик и идентитет не смее да бидат предмет на преговори. Факт е дека ние ги исполнивме сите услови за почеток на преговорите со ЕУ, што се потврди и со одлуката на Советот за општи работи на ЕУ од март 2020 година.
Овој став е вграден и во Резолуцијата на Европските зелени за поддршка за интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, усвоена во декември, минатата година. Со оваа Резолуција, Европските зелени ја повикуваат Бугарија да го отвори патот за првата меѓувладина конференција и да ги решава спорните прашања со С. Македонија билатерално, отстранувајќи го тоа како предуслов за започнување на пристапните преговори. Го повикуваат Европскиот совет да одржи меѓувладини конференции за директно отпочнување на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија, најбрзо што е можно.
НоваТВ: Во неделата сите партии од коалицијата одржавте состанок. Една од одлуките беше и за парламентарни избори во 2024 година заедно со претседателските. Што со најавата од страна на ВМРО –ДПМНЕ за протести и блокади се додека не издејствувале предвремени парламентарни избори ?
Јас во повеќе наврати истакнувам дека блокадите на Собранието, а како што најави опозицијата и блокади на другите институции, не се одговорно и конструктивно однесување, ниту се во интерес на граѓаните. Со години се зборува дека мораме да ги јакнеме капацитетите на институциите за да можат ефикасно да одговорат на потребите на граѓаните, а сега опозицијата се залага за блокирање на институциите. Со која цел? Да издејствуваат предвремени парламентарни избори. Што би смениле изборите, освен што ќе се потрошат десетици милиони евра и неколку месеци ќе стагнираат економско-политичките активности и тоа во време на светска енергетска и економска криза и војна на европскиот континент. Хипотетички, да има избори, да победи опозицијата и да успее да формира парламентарно мнозинство. Што доколку тогашната опозиција се однесува како сегашната и ги блокира процесите? Повторно, штетата ќе ја трпиме сите ние како граѓани. Затоа, сметам дека не ни се потребни предвремени избори, туку одговорно и конструктивно дејствување на сите политички чинители, со цел решавање на проблемите на граѓаните.
НоваТВ: Во едно интервју исто така за нашиот портал, изјавивте дека блокадите никому не носат добро. Како да се натера опозицијата да не блокира онаму каде што нема основ за тоа. Дали како мнозинство сте ги исцрпеле сите алатки за поголема инклузивност ?
Блокадите во Собранието започнаа практично по парламентарните избори во 2020 година, само што тогаш не се користеше терминот блокада. Да потсетам дека опозицијата во време на Ковид пандемијата не прифати Собранието да работи онлајн. Се случуваше кога некои пратеници од мнозинството не присуствуваа поради тоа што беа болни или позитивни, опозицијата да ја напушти салата за да нема кворум и да не може Собранието да одлучува. Од тие причини беше отежнато и усвојувањето на антикризни мерки кои беа важни за справување со здравствените и социо-економските последици од пандемијата. Се блокира усвојувањето закони, со поднесување илјадници амандмани, со многубројни непродуктивни дискусии, процедурални забелешки, паузи итн. Истото се случува и сега, при оваа т.н активна блокада. Една пленарна седница чини околу 30.000 евра. Дали дводневна дебата за дневен ред, сведена на предлози од типот точката број 9 да биде точка број 2, точката 7 да биде точка бр.1 итн., заслужува да се потрошат 60.000 евра? Кога декларативно сите пратеници се залагаме за намалување на непродуктивните трошоци, да почнеме од нашето дејствување во Собранието.
Но, сакам да истакнам дека има и позитивни примери, кога за подобрување на некое законско решение, заедно, во конструктивна атмосфера, работеле и пратеници од мнозинството и опозицијата. Таков беше случајот со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, на чие амандманско подобрување заедно работеа пратенички од различни политички партии и беше усвоен со консензус, без ниту еден глас против. Дефинитивно, потребни ни се повеќе жени во политиката!
Сметам дека и постојано актуелната тема за одржување избори, негативно делува на атмосферата во Собранието и придонесува за неконструктивност во работата. Во предизборието реториката на пратениците е поостра, со зголемена доза на популизам, со цел поголема медиумска застапеност и зголемување на личниот и партискиот рејтинг. Интересна е праксата во Шведскиот парламент. Кај нив, само пленарните седници се пренесуваат преку медиумите, додека седниците на комисиите се затворени за јавноста. Идејата е да се избегне дневно-политичката реторика и преку аргументирана дебата да се дојде до најдоброто законско решение.
Јас не ги делам пратениците според тоа дали се од мнозинството или од опозицијата. За мене најважни се ставовите и аргументите кои пратеникот ги застапува. Често, за одредено прашање се консултирам и со пратеници од мнозинството и од опозицијата, поддржувам конструктивни предлози од опозицијата или гласам против закони предложени од мнозинството, кои не се во согласност со зелените вредности. Не сметам дека секој предлог на опозицијата, мнозинството треба да го одбие и обратно. Несфатливо е како сите предлог закони од Владата, наидуваат на остра критика од опозицијата, па дури и оние закони за кои по дебатата, опозицијата гласа за. Постојаните меѓусебни критики и обвинувања само ја зголемуваат поларизацијата, разочараноста и недовербата на граѓаните. Сите ние како пратеници, без разлика на која политичка партија припаѓаме, треба да придонесеме за намалување на длабоката поделеност во македонското општество.
НоваТВ: Како ДОМ активно учествувате во процесот на поголеми права за маргинализираните групи. Во сабота ќе се одржи Прајд-от. ЛГБТИ –заедницата реагира на темпото со кое се одвиваат работите. Реално, можеше ли некои права да бидат побрзо преточени во закон а со тоа олеснување на нивното секојдневно функционирање?
Значајно унапредување на правата на ЛГБТИК+ луѓето се постигна со усвојувањето на новиот Закон и формирањето професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација, во кој сексуалната ориентација и родовиот идентитет се експлицитно наведени како основ за дискриминација. Она што сега треба да биде фокус е обезбедување доследно спроведување на законите, особено во делот на превенција и санкционирање на говорот и делата од омраза. Останува потребата од измена на законската регулатива со цел правно признавање на родот, што е од огромна важност за трансродовите луѓе.
Овој петок, ИППГ за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, во Собранието организира јавна дебата во која покрај пратениците ќе учествуваат и претставници од релевантните институции и граѓанските организации. На покана од ДОМ, ќе учествува и европратеничката Ким ван Спарентак. Целта на настанот е низ заеднички разговор на сите засегнати страни, да се дефинираат приоритетните активности за унапредување на правата на ЛГБТИК+ луѓето во македонското општество.
НоваТВ: Единствена партија сте со 100 отсто зелен предзнак во македонскиот политички спектар. Колку нашето општество, зборувам и како институции и како граѓани, сме свесни за важноста од зелените политики, за влијанието на климатските промени ?
Свесноста кај граѓаните за потребата од заштита на животната средина е евидентно зголемена во последните неколку години. Кога станува збор за климатската криза, иако веќе живееме во време на климатски промени, се уште оваа тема е недоволно присутна во јавноста. Европската унија е лидер во светот кога станува збор за борбата против климатските промени. Особено значаен е Европскиот зелен договор со кој се предвидува до 2050 година, Европа да стане климатски неутрална. На предлог на ДОМ принципите на овој договор се дел од Програмата на Владата. Во тој контекст, ДОМ активно придонесува за овозможување праведна транзиција од фосилните кон обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност. Позитивни чекори во тој правец веќе се спроведуваат, но има уште многу работа пред нас. Неопходно е усвојување на потребната законска регулатива, но уште повеќе имплементација на постојната, јакнење на капацитетот на надлежните институции и нивна меѓусебна соработка.
НоваТВ: Би сакала да ве прашам и за отворената можност граѓаните и компаниите покрај потрошувачи да се произведувачи на електрична енергија од обновливи извори на енергија за што измените на правилникот беа програмска заложба на ДОМ?
Ме радува што барањата на ДОМ за измени на Правилникот за обновливи извори енергија, се реализираат. Суштината е дека се поедноставува постапката за поставување фотоволтаици на крововите на домаќинствата, јавните објекти и компаниите. Така, овие субјекти наместо само потрошувачи, ќе станат и производители на електична енергија. Исто така, граѓаните ќе можат да користат субвенции за таа намена. Овие промени ќе придонесат за зголемено домашно производство на електрична енергија, пониски сметки за струја, заштита на животната средина и климата, развој на зелената економија и отворање нови зелени работни места.
ДОМ продолжува активно да придонесува за измена на законската и подзаконската регулатива, како и нејзино имплементирање, со цел реализирање на нашите програмски приоритети во областа на заштитата на животната средина и климата.
НоваТВ: Неодамна престојувавте во Рига, може ли да ни кажете нешто за европската зелена перспектива?
Од 3-5 јуни, во Рига се одржа 35-тиот Совет на Европската зелена партија, каде ДОМ е полноправна членка. Клучни теми за кои се дискутираше беа војната во Украина и климатската криза. Европските зелени силно ја поддржуваат евроинтеграцијата на Западниот Балкан. Договоривме интензивирање на меѓусебната соработка на зелените партии од регионот. Овој викенд, по повод Парадата на гордоста, наши гости во Скопје ќе бидат колеги од регионот, а наесен ДОМ ќе биде домаќин на Зелените од Европа, на конференција на тема праведна транзиција.
Мирјана Трпческа https://novatv.mk