Морачанин за Нова ТВ: Блокадите во Парламентот се лоша пракса од која никој нема бенефит, а имаме штета сите како граѓани

Претседателката на ДОМ и пратеничка Маја Морачанин во интервју за НоваТВ ја коментира актуелната ситуација во Законодавниот дом во кој блокирани се наоѓаат десетици закони уште од минатата година а се од суштинско значење за граѓаните. Според неа во моментов нема потреба и не треба да се отвара уставот, а употребата на говор на омраза од политичарите предизвикува трагични последици. Таа не е изненадена од поразителната оценка за нивото на политичката култура во Северна Македонија врз основа на рангирањето според индексот за демократија објавено од страна на британскиот Економист. За што уште разговаравме со Морачанин, подолу во интервјуто.

НоваТВ: Морачанин што се случува во Парламентот, речиси секојдневно вестите говорат за блокада на одредени предлог закони од страна на опозицискиот блок предводен од ВМРО ДПМНЕ. Оттаму го негираат тоа со обвинување дека СДСМ и мнозинството го предизвикуваат тоа. Сепак ќе ве прашам, има ли начин за откочување на оваа состојба и колку Предлог закони чекаат да бидат усвоени?

sobranie

– Има многу начини да се блокира одреден Предлог закон во Собранието, од поднесување илјадници амандмани (филибастеринг), преку неотворање дискусија по предлог-закон, до бескрајни процедурални забелешки, говори, реплики и контрареплики. Неспорно е правото на критичка дискусија, околу тоа нема дилема, но блокирање закони кои се во интерес на граѓаните, само за добивање дневно-политички поени, никому не му е од полза, најмалку на граѓаните. Актуелен пример е Предлог законот за наставници и стручни соработници кој со месеци е блокиран од опозицијата, а се однесува на зголемување на платите на наставниците и стручните соработници и можност за нивно директно вработување на неопределено време. За мене како пратеничка од зелената партија ДОМ од особен интерес е Предлог-законот за прекршоци со кој се предвидува казните за загадувачите на животната средина двојно да се зголемат, но еве веќе една година никако да се отвори дискусија по овој предлог закон, иако сите партии велат дека се залагаат за заштита на животната средина. Исто така, блокиран е и Предлог-законот за матична евиденција со кој на трансродовите луѓе ќе им биде овозможено да сменат ознака за род во матичниот број. За случајот со трансродовото лице Икс има пресуда од Судот во Стразбур со која државата треба да му исплати 9.000 евра отштета, како и одлука од Советот на Европа за неопходноста од усвојување на законските измени без одлагање. За овој Предлог-закон Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ луѓето организираше неколку средби помеѓу пратениците и граѓанските здруженија во Собранието, со цел пратениците детално да се информираат за Предлог-законот и неговото значење за овозможување подостоинствен живот на трансродовите луѓе.

Убедена сум дека блокирањето е лоша пракса од која никој нема бенефит, а штета имаме сите како граѓани. Веројатно целта е дневно-политичко поентирање во контекст на инсистирањето на опозицијата за брзи предвремени избори.

Хипотетички, и да се смени власта, тогаш може да се случува новата опозиција да блокира. И така ќе се вртиме во кругот на блокади и неефикасно работење на Собранието. Како член на групата за соработка со шведскиот парламент, побарав мислење од шведските пратеници како тие го надминуваат проблемот со филибастерингот. Одговорот беше едноставен, кај нив тоа не се случува. Сметам дека нашата одговорност како политичари, без разлика дали сме дел од мнозинството или од опозицијата е да работиме во интерес на граѓаните и прогресот на државата.

НоваТВ..Неодамна угледниот Економист го објави рангирањето според индексот за демократизација  и според овој ранг, политичката култура е оценета со 3.13. Ако се земе како репер Собранието,тогаш експертите велат била очекувана ваквата оценка. Во вакви услови, дали е потребна некоја нова „Жан Моне“ платформа која ќе го поттурне дијалогот за тој да добие на квалитет ?

index ekonomist

– Не сум изненадена од поразителната оценка за политичка култура. За жал, тоа е нашата реалност и јас често зборувам за овој проблем. Македонското општество во четири од вкупно пет категории има оценки над просечната од 6,03, а најлошо со 3,13 е оценета политичката култура. Во едно истражување спроведено минатата година, граѓаните оценувајќи од 1 до 5, нивото на политичка дебата во Собранието, го оценија со 2. Последиците од говорот на омраза кој го користат политичарите се трагични. Заклучокот од едно истражување во САД е дека она што го кажуваат јавните личности може да ги зближи или да ги подели луѓето и како зборуваат политичарите влијае на тоа како се однесуваат луѓето и количината на насилство во општеството.

Се надевам дека овие податоци ќе бидат аларм за сите политички чинители, да ја сменат реториката. Впрочем, доволно е само да се потсетиме на една мудра македонска поговорка: “Јазикот коски нема, но коски крши”.

Јас не сум учесник во процесот “Жан Моне”, но ја поддржувам секоја активност за унапредување на дијалогот и меѓусебната соработка.

НоваТВ: Она за што од поодамна се ангажира и се залага ДОМ е за промена на изборниот модел и државата да е една изборна единица. Партиите дадоа начелна согласност. Паралелно се развива и дебата за ново отворање на Уставот, за што пак некои велат ќе се правело со цел да се внесле и Бугарите кои живеат овде во Уставот. Има ли вистина во ова?

slika 1 sobranie

– Заложбите на ДОМ се за измена на изборниот модел со една изборна единица, без праг, отворени листи и 50% жени на листите. Ме радува што и партии кои до неодамна имаа дијаметрално спротивен став, сега велат дека подржуваат една изборна единица. Како пратеничка од ДОМ, јас сум еден од предлагачите на Предлог-законот за измена на Изборниот законик за една изборна единица, поднесен пред една година. Ние бараме да се отвори дебата во Собранието по овој Предлог-закон. Предлагаме да се организира и јавна расправа на оваа тема, да се слушнат мислењата на сите политички чинители, експерти и граѓански организации, зошто ова прашање ги засега не само партиите, туку пред се граѓаните и државата.

Веќе подолго време во јавноста е присутна темата за измени на Уставот. Има барања за внесување во Уставот на Бугарите, Хрватите, Црногорците, како и предлози за измена на Уставот од други причини. Мојот став е дека сега нема потреба и не треба да се отвора Уставот.

НоваТВ: Преку Зелените во Европскиот Парламент практично имате како партија поддршка за се она што како тема од земјава ќе се најде на дебата во Брисел.Како европските зелени гледаат на ова со Бугарија и на динамизираниот дијалог кој би требало да одведе до завршница која сите ја очекуваме , а тоа е Бугарија да го деблокира нашиот интегративен процес со што ние би ги почнале преговорите со ЕУ ?

greens party convention european greens electoral campaign elections

– Европската зелена партија дава целосна поддршка за што побрзо започнување на преговорите со ЕУ. На последниот Совет на Европската зелена партија, одржан во декември минатата година, усвоивме Резолуција за поддршка за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Во Резолуцијата Европските зелени ја повикуваат Бугарија да го отвори патот за првата меѓувладина конференција и да ги решава спорните прашања со С. Македонија билатерално, отстранувајќи го тоа како предуслов за започнување на пристапните преговори. Го повикуваат Европскиот совет да одржи меѓувладини конференции за директно отпочнување на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија, најбрзо што е можно.

Европските зелени се задоволни од интензивираната динамика на соработка и изразената политичка волја од двете страни, да се надминат отворените прашања. Впрочем, посетата на Скопје на германската министерка за Европа, Ана Лирман, која доаѓа од редовите на германската зелена партија, следниот ден по изборот на новата македонска влада, е јасна порака.

НоваТВ: Ја поддржавте програмата на новиот премиер, но веројатно не безусловно. Што побара ДОМ и кога очекувате да се реализира тоа?

– Во преговорите, за ДОМ најважно беше нашите програмски приоритети да бидат внесени во Програмата на Владата. Се договоривме дека принципите на Европскиот Зелен договор ќе останат вградени во владината програма, особено во делот на заштитата на животната средина и климата, односно спроведување на праведна транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Задоволни сме што се прифати нашиот предлог за развој на енергетска демократија, односно стимулирање не само на бизнис секторот, туку и на граѓаните да поставуваат фотоволтаици. Веќе се подготвуваат измени во законите и подзаконските акти, со цел граѓаните да не бидат само потрошувачи туку и производители на електрична енергија. Беа прифатени и нашите барања за интензивирање на постапките за изградба на регионални современи центри за третман на отпад, согласно европските стандарди и принципите на циркуларната економија, процес кој трае веќе десетина години, но сеуште е заглавен во институционалните лавиринти и нема реализација на терен. Дел од договорот е и усвојување на законите за индустриски емисии, климатска акција и просторно планирање, во текот на мандатот на оваа Влада. Се прифати и барањето на ДОМ за усогласување на законите со Истанбулската конвенција за да се обезбеди спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилствоИсто така, се договоривме за изработка на законска регулатива за декриминализација и легализација на канабис за лична употреба, согласно барањата на граѓанските здруженија и искуствата од неколку држави во САД, Канада, Малта и заложбата на новата германска влада. Секако, дел од договорот беше и нашето барање за измена на Изборниот законик, за што претходно подетално зборував.

НоваТВ: ВМРО – ДПМНЕ секојдневно притиска за предвремени избори. Кој е ставот на ДОМ?

– ДОМ е против одржување брзи предвремени парламентарни избори. Секоја година имаме избори, а вонредните парламентарни избори наместо исклучок, станаа пракса во македонската демократија. Во сегашните услови на здравствена и енергетска криза, кои неминовно предизвикуваат социо-економски последици,  одржување предвремени праламентарни избори не е во интерес на граѓаните. Приоритет мора да биде решавање на проблемите и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

НоваТВ: Неодамна бевте во Белград на состанок на Зелените од Западен Балкан. Има ли можности за соработка и на кои полиња, бидејќи гледаме се повеќе дека од повеќе страни доаѓаат пораки за приматот на регионалната соработка?

273055399 253979623552979 1332831732959157359 n

– Европската зелена партија е силно посветена на спроведувањето на зелените политики во регионот. Токму тоа е и целта на формирањето на Балканската зелена мрежа. Преку меѓусебна соработка и размена на искуства да овозможиме одржлив зелен развој, согласно зелените вредности за демократија, човекови права, владеење на правото, борба против корупцијата, социјална правда, солидарност, антинационализам и секако заштита на животната средина и борба против климатските промени. По средбите во Црна Гора во октомври и во Шабац во ноември 2021 година, минатиот викенд имавме конференција во Белград, на која имав чест да бидам панелист на дебатата на тема “Надвор од зелената кутија-стратегии денес, за утрешните промени”. Покрај ко-претседателот на Европската зелена партија и европратеник,Томас Вајц, на конференцијата учествуваа и претставници од Зелените од Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија, Германија, Луксембург, Холандија, Шпанија, Шведска, Унгарија и Полска. Следната средба на Зелените од регионот, на која ќе учествува и делегација од ДОМ, е закажана за март, во Албанија. Разговараме вакви регионални средби да се одржат во текот на оваа година и кај нас и во Босна и Херцеговина.

преземено од https://novatv.mk/