СВЕТСКИ ДЕН НА СОЦИЈАЛНАТА ПРАВДА

20 ти Февруари е меѓународен ден, посветен на признавањето за потребата од социјална правда или Ден на еднаквост на социјална правда, недискриминација, еднаквост на човековите права и можности.

Светски ден на социјалната правда

Со впишувањето  на овој датум, како ден на социјалната правда и еднаквост од страна на Генералното собрание на ОН во 2009 година, се уважува значењето и неопходноста за унапредување на солидарноста, еднаквоста и рамноправноста, како основен принцип за стабилноста, мирот и развојот во рамките на државите, но и меѓу народите.

Целта на овој ден е подигнување на свеста кај луѓето за борбата против сиромаштијата, невработеноста и еднаквоста и отстранување на бариерите, по основ на половата и родова различност, расна, етничка и социјална припадност, религија и култура и овозможување на еднакви можности за сите.

Во последните неколку години, а особено од започнувањето на глобалната пандемијата и здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид-19, сведоци сме на продлабочување на јазот помеѓу најсиромашните и најбогатите, како кај поединци така и кај цели општества ширум светот. Ваквата состојба дополнително ја нагласува потребата за зголемување на моќта за глобална солидарност и изнаоѓање механизми за унапредување на човечкото достоинство.

Зелената партија ДОМ и Форумот на жени на ДОМ, ја препознава потребата да се промовираат напорите за справувањето со прашања како што се дискриминацијата, сиромаштијата, социјалната и родовата нееднаквост, обезбедување правда и пристоен живот за сите.

Всушност,  една од Стратешките цели на  ДОМ, забележана и ставена во програмата на партијата е еднакви можности за сите граѓани,  без оглед на полот, расата, етничкото и социјално потекло, возраст, верската определба, сексуалната ориентација и физичка состојба.

Достоинството и правото на работниците, реципрочните права и одговорности како и основната помош за ранливите категори се дел од заложбите на ДОМ.

Во духот на општото добро, целта е да се надмине и унапреди сегашната состојба, затоа што и покрај одредбите од Уставот и Законот за еднакви можности, во поголемиот дел од остварувањето на човековите правa сеуште се сведени на декларативни заложби.